Фанови од сите возрасти и од целиот свет се подготвуваат за повратничката турнеја на групата Oasis, нешто што до неодамна никој не можеше ни да го замисли. До првиот концерт во Кардиф останува уште само еден ден.
За постарите обожаватели, кои ги посетувале концертите на Oasis во времето на нивната слава во 90-тите, оваа турнеја е можност да ги оживеат спомените од „добрите стари времиња“. Помладата публика, пак, никогаш не сонувала дека по славната караница меѓу браќата Галагер – една од најбурните во музичкиот свет – ќе има можност повторно да ги види заедно на сцена.
Мет, 25-годишен софтверски инженер од Лидс, израснал слушајќи ги раскажувањата на неговиот татко за легендарните настапи на Лиам и Ноел Галагер. За него, можноста да ги види во живо била „далечна фантазија“. Успеал да набави билети за долгоочекуваниот концерт во Манчестер, родниот град на бендот, закажан за 11 јули.
„Не само што тие ќе бидат возбудени што се враќаат во Манчестер, туку и фановите и локалците ќе бидат пресреќни што повторно ги дочекуваат“, рекол Мет за AFP.
Лорен де Бруин, 23-годишна девојка од Хемел Хемпстед, северозападно од Лондон, вели дека ја сака бритпоп музиката затоа што тоа било она што нејзината мајка го слушала како тинејџерка.
„Имам многу убави спомени поврзани со таа музика, особено со Oasis“, рекла таа.
Сепак, не успеала да дојде до билети поради хистеријата што настанала откако браќата Галагер најавиле повторно обединување по 15 години разделеност.
Динамичко одредување на цените
Oasis ја започнуваат турнејата во главниот град на Велс во петок. Тоа е еден од 17-те распродадени концерти во Велика Британија, по кои следува серија настапи во САД, Јапонија, Австралија и Аргентина.
Платформата за продажба на билети Ticketmaster продала повеќе од 900.000 билети, но концертите предизвикале негодување поради наглиот пораст на цените, познат како „динамичко одредување на цена“, предизвикан од големата побарувачка.
„Најдоброто веќе го доживеав, ова ми доаѓа како бонус“, рекол Сем Инглиш, 47-годишник од Норич, кој ги гледал Oasis четири пати пред нивното распаѓање во 2009 година.
„Мислам дека многу мажи на средна возраст, како мене, ќе се вратат во минатото“, рекол Инглиш, кој ќе присуствува на концертите во Манчестер и Лос Анџелес.
Во златните години на бендот, дрскиот стил и хедонизмот на браќата Галагер беа синоним за британската „машка“ супкултура која ја прифатија младите и фудбалските навивачи.
Три децении подоцна, некои од најстраствените фанови се млади девојки кои на TikTok и X споделуваат видеа и објави за браќата.
„Онлајн, фановите се главно млади девојки“, вели 16-годишната Лиз Марина Нумбела Насименто од Рио де Жанеиро, која самата не знае зошто бендот толку ги привлекол „девојчињата“.
„Не доаѓа предвид да го извадам телефонот“
За помлади фанови како Насименто, која ќе го гледа бендот во Сао Паоло во ноември, повторното обединување на Oasis „значи враќање на музиката“.
„Конечно ќе го доживееме она за што слушаме веќе една деценија“, рекла со возбуда.
За многумина, трајната привлечност на бендот лежи во нивните заразни, оптимистички мелодии, носталгичниот културен момент и приказната за нивниот подем од работничката класа.
„Веќе долго време нема ништо слично“, рекол Инглиш. Нивната најпозната песна, Wonderwall, во 2020 година стана првата песна од 90-тите која надмина милијарда стримови на Spotify.
Помладите слушатели имаа можност да ја откријат нивната музика преку соло концертите на Лиам и Ноел. Мет, кој ги гледал настапите на двајцата, вели дека „фали втората половина“.
„Имаш чувство како да гледаш 50 проценти од Oasis“, рекол.
Меѓугенерациска популарност и поделби
Меѓугенерациската популарност на бендот предизвикала и поделби меѓу фановите.
„Замисли да чекаш 15 години за Oasis да се обединат, а потоа да останеш без билети поради 21-годишна Клој од Стокпорт која само сака да ја слушне ‘Wonderwall’ во живо“, напишал корисникот на X, Били Коркоран, во август минатата година.
Лиам Галагер порача дека турнејата е „за сите – и за стари и за млади“.
Инглиш се согласува со тоа и ја нарекол поделбата меѓу генерациите „смешна“. Сепак, признава дека барем една работа ќе ги разликува – тој нема да го извади телефонот за време на концертот.
„Апсолутно не. Ништо од тоа“, рекол.