Сиромаштија ја „тресе“ една од најмоќните европски држави

Банките за храна во Германија се принудени да го ограничат снабдувањето со помош поради огромната побарувачка, изјави претседателот на здружението Tafel Deutschland, Андреас Штепун. Според него, секоја трета банка за храна повремено го прекинува делењето храна или воведува листи на чекање, а 60% од банките ги намалиле пакетите за корисниците.

Од почетокот на војната во Украина во 2022 година, бројот на граѓани кои бараат помош од банките за храна пораснал за 50%, достигнувајќи 1,6 милиони луѓе. Штепун предупредува дека банките за храна тешко можат да одговорат на зголемената побарувачка, бидејќи платите и пензиите не ги следат трошоците за живот.

„Банките за храна не можат да решат проблем што државата го занемарувала со децении,“ изјави тој, повикувајќи ги политичарите на поодлучни мерки. Како можен прв чекор го посочи предлогот на канцеларот за намалување на ДДВ на храната.

Сиромаштија поради високите трошоци за домување

Одделно истражување покажува дека трошоците за домување ја туркаат Германија во уште подлабока сиромаштија. Според анализата на Paritätische Gesamtverband, милиони домаќинства трошат повеќе од третина, а некои и над половина од приходите само за станарина.

Ова значи дека над 17,5 милиони граѓани, по покривање на основните трошоци, располагаат со приход кој ги става под прагот на сиромаштијата. Кога трошоците за домување се земаат предвид, повеќе од 20% од жителите на Германија живеат во сиромаштија, со прагот за едночлено домаќинство поставен на 1.016 евра месечно.

„Доколку ги игнорирате трошоците за домување, ги превидувате вистинските размери на сиромаштијата,“ предупредуваат авторите на анализата.

Германија се соочува со алармантна реалност: глад и сиромаштија растат, а милиони луѓе се „невидливи“ за традиционалните статистики. Дали државата ќе најде решение или ќе продолжи да го игнорира овој горлив проблем?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни