Околу 120 припадници на Исламската држава избегале од затвор во сирискиот град Шадади, соопшти денес сирискиот министер за внатрешни работи. Според неговите зборови, досега се уапсени 81 од бегалците, додека потрагата по останатите сè уште трае.
Министерството информира дека специјалните единици и делови од сириската армија интервенирале по пробивот во затворот и влегле во градот, каде што била воспоставена зголемена безбедносна контрола.
Изјавата доаѓа откако курдскиот портал „Рудав“ објави дека дури 1.500 припадници на Исламска држава избегале, повикувајќи се на извор од Сириските демократски сили (СДФ). Сириските власти ги демантираа овие наводи, оценувајќи ги како неточни.
Во меѓувреме, сириската војска претходно ги обвини Сириските демократски сили, кои се под курдско водство, дека намерно ги ослободиле милитантите, со оглед на тоа што затворот во источниот дел на земјата бил под нивна контрола.
По повеќедневни судири со владините сили, СДФ во неделата се согласи да се повлече од покраините Рака и Деир ел-Зор, региони со арапско мнозинство и значајни нафтени ресурси.