Сирија го формира првиот парламент по падот на Асад

Сирија денес го именува првиот парламент во пост-Асадовата ера – чекор што властите го претставуваат како дел од транзицискиот политички процес, но кој веќе е критикуван од граѓански организации поради недостиг на демократија и преголема концентрација на моќ во рацете на привремениот претседател Ахмед ал-Шараа.

Формирањето на парламентот се очекува да ја зацврсти позицијата на Ал-Шараа, кој во декември 2024 година го собори Башар ал-Асад на чело на исламистичка коалиција, со што беше ставен крај на повеќе од 13 години граѓанска војна.

Новиот парламент ќе брои 210 членови – 140 ќе ги именуваат локални одбори под надзор на изборната комисија, а уште 70 лично ќе ги назначи привремениот претседател. Властите тврдат дека се одлучиле за ваков систем наместо за општи избори поради недостиг на точни податоци за населението и масовното раселување предизвикано од конфликтот.

Гласањето се спроведува преку околу 6.000 избирачи во регионални изборни колегии, но јавната кампања беше речиси незабележлива. Многу граѓани изразуваат разочараност, нагласувајќи дека сакаат директни избори и вистинско политичко претставување.

Новата власт веќе ја распушти старата Народна скупштина, која со децении беше симбол на апсолутната контрола на кланот Асад. Според уставната декларација донесена во март, новиот парламент ќе има привремена законодавна функција сè до усвојувањето на траен устав и одржувањето на директни избори.

Меѓутоа, бројни невладини организации предупредуваат дека овој процес е „само формалност“ и дека му овозможува на Ал-Шараа да состави парламент од личности лојални на неговата власт. Од процесот се исклучени курдските и друзиските региони, а жените се недоволно застапени, што дополнително ја засилува критиката дека новиот систем е далеку од демократски.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни