Сирија ги одржа првите парламентарни избори по соборувањето на Башар ал-Асад

СиСирија ги одржа првите избори откако долгогодишниот претседател Башар ал-Асад беше соборен во декември, во надеж дека тоа ќе го отвори патот кон економска стабилност, просперитет и мир.

Првите парламентарни избори во земјата се одржаа во неделата, речиси една година по изненадното востание што доведе до падот на ал-Асад.

Безбедносните сили беа распоредени низ целата земја околу избирачките места. Членовите на изборните колеџи гласаа во посебни кабини, а нивните ливчиња беа ставени во запечатени кутии, кои потоа беа отворени и пребројани пред кандидатите, новинарите и набљудувачи од Сиријската адвокатска комора.

Меѓутоа, овие избори не беа директни – сириските граѓани не гласаа директно.

Новиот Народен совет има 210 пратенички места, што е за 40 помалку отколку за време на владеењето на Асад. Мандатот на пратениците ќе трае две и пол години.

Како функционираа изборите

Претседателот во преодниот период, Ахмад ал-Шараа, ќе назначи 70 членови на парламентот. Останатите 140 ќе бидат избрани преку подкомитети, под надзор на 11-члени Врховни изборни комисии, кои исто така беа назначени од ал-Шараа.

Властите изјавија дека немало директни избори бидејќи не постоеле „доверливи податоци за попис“ поради раселувањето на милиони луѓе од 14-годишната граѓанска војна.

Околу 7.000 луѓе имаа право на глас и гласаа преку регионални изборни колеџи. Сепак, изборите беа одложени на неопределено време во провинцијата Суеида и во областите под контрола на курдските Сириски демократски сили, поради тензии меѓу локалните власти и Дамаск.

Критериуми за кандидати

Кандидатите мораа да исполнат одредени услови за да учествуваат на изборите. Околу 70% од новите пратеници треба да бидат академици или експерти, додека 30% од оние што ќе ги заземат 140-те избирачки места треба да бидат „угледни членови“ на својата заедница и да поседуваат академски звања.

Новиот парламент ќе има задача да донесе нов закон за избори и нов устав, како дел од политичката транзиција по Асад.

Критики и надеж

Критичарите велат дека овие избори не се целосно демократски, бидејќи системот со изборни колеџи го фаворизира добро поврзаниот круг на кандидати, со што се концентрира моќта кај преодната влада.

Во главниот град Дамаск, 490 кандидати се натпреваруваа за само 10 пратенички места, додека изборниот колеџ имаше само 500 гласачи.

Сепак, за некои овие избори се знак за напредок. Првичните резултати во неделата вечер покажаа дека мал број жени и припадници на малцинства успеале да освојат места.

Лара Езоуки, членка на Националната изборна комисија во Дамаск, рече дека новиот парламент ги вклучува сите верски и етнички групи и додаде:

„Ова е првпат во историјата на Сирија гласачките кутии навистина да одлучуваат – кога резултатите не се однапред одредени.“

Правничката Рим Јажи, членка на изборното тело во Дамаск и кандидат за парламентот, изјави:

„Доволно е да се спомене факторот слобода – гледавме и учествувавме во изборни дебати, а тоа никогаш порано не се случувало.“

Промени и тензии во Латакија

Во градот Латакија, некогашно упориште на Асад и дом на голема алавитска заедница, тројца сунитски кандидати ги освоија изборите.

Во март 2025 година, секташки одмазднички напади однесоа стотици алавитски животи долж сиријското медитеранско крајбрежје, во провинциите Латакија и Тартус, откако вооружени групи поврзани со поранешниот претседател нападнаа сили на новата преодна влада.

„Сите што велеа дека ситуацијата во Латакија беше добра (претходно), грешат“, изјави Рола Даја, една од новоизбраните пратенички.

„Се разбира, внатрешните тензии и понатаму постојат – ќе биде потребно време да се решат. Ни треба транзициска правда за да одиме кон граѓнски мир.“

Историски избори за нов почеток

Овие избори се сметаат за историски момент по повеќе од 50 години династиско и репресивно владеење на семејството ал-Асад – Башар и неговиот татко Хафез. Тие се уште еден тест за новата влада.

Сиријците се надеваат дека оваа нова влада ќе го отвори патот кон идни директни избори, демократски систем и економско заздравување по деценијата уништување од војната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни