Сирени за воздушен напад во НАТО базата „Инџирлик“: жители на Адана разбудени среде ноќ

Аларм за воздушна закана се огласил во базата „Инџирлик“ во Турција, додека жители на блиската Адана пријавуваат сирени и светлечки објект на небото. Засега нема официјално објаснување од НАТО или турските власти.

Сирени за тревога од воздушен напад утрово се огласиле во воздухопловната база „Инџирлик“ во југоисточна Турција, еден од клучните воени објекти на НАТО во регионот каде што се стационирани и американски трупи.

Според извештаи на меѓународните агенции, меѓу кои и AFP и британскиот The Guardian, алармот се активирал во текот на ноќта, околу 3:25 часот по локално време, а тревогата траела приближно пет минути.

Жители на блискиот град Адана, кој се наоѓа на околу десет километри од базата, изјавиле дека биле разбудени од сирените и зголеменото движење на безбедносните служби. Дел од нив на социјалните мрежи објавиле снимки на кои се гледа светлечки објект на небото, што поттикна шпекулации дека станува збор за ракета или пресретнат проектил.

Засега нема официјално соопштение од турските власти или од НАТО за причината поради која бил активиран системот за тревога.

Турската државна новинска агенција претходно објави дека две балистички ракети насочени кон турскиот воздушен простор биле пресретнати од воздушната одбрана на НАТО, но не е потврдено дали утринскиот аларм е поврзан со тој инцидент.

Инцидентот доаѓа во период на зголемени тензии во регионот. Во последните денови НАТО соопшти дека пресретнал балистички ракети истрелани од Иран кон турскиот воздушен простор, што предизвика остра реакција од Анкара и повици за деескалација.

Во меѓувреме, САД ја засилија безбедносната состојба во регионот. Турското Министерство за одбрана потврди дека американскиот систем за воздушна одбрана „Патриот“ е распореден во југоисточна Турција како дел од засилените мерки за ракетна одбрана на НАТО.

Дополнително, американската влада неодамна го затвори својот конзулат во Адана и ги повика американските државјани да ја напуштат југоисточна Турција, наведувајќи безбедносни причини поврзани со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни