Во петок во 17 часот во Јавна соба во Скопје ќе се одржи СинтEZа – иновативен мултимедијален настан на кој младите од седум факултети преку уметност, технологија и наука ќе ги претстават визиите за слободата и за нивната улога во современото општество.
Целиот простор ќе биде претворен во платформа за изложби, музички перформанси, проекции и театарски претстави.
На настанот ќе учествуваат студенти од факултетите за ликовна, музичка и драмска и балетска уметност, како и од архитектонски, машински, шумарски факултет и од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Една од клучните цели на СинтEZа е да покаже дека младите се способни да ја преобликуваат реалноста во која живеат, да се адаптираат на современите технолошки трендови и да влијаат на иднината.