Италијанскиот тенисер Јаник Синер го освои мастерс турнирот во Монте Карло откако во финалето го победи бранителот на титулата Карлос Алкараз со 2:0 во сетови (7:6, 6:3). Со оваа победа, Синер повторно се враќа на првото место на АТП-листата и од понеделник ќе ја започне својата 67. недела како најдобар тенисер во светот.
Ова е прва титула за Синер на земјена подлога од мастерс серијата (1000), а воедно и негова четврта последователна титула на мастерс турнирите, по триумфите во Париз, Индијан Велс и Мајами.
Алкараз одлично го започна натпреварот и веднаш направи брејк, но Синер експресно возврати. Првиот сет беше изедначен и решен во тај-брејк, каде Италијанецот беше посигурен и поведе со 1:0. Во вториот сет, Шпанецот повторно прв стигна до брејк, но не успеа да го задржи нивото на игра. Синер го искористи падот во играта на Алкараз, направи два последователни брејка и сигурно го приведе мечот кон крај.
Со овој пораз, Алкараз не само што ја загуби титулата во Монте Карло, туку и првото место на светската ранг-листа, кое повторно му припадна на Синер.