Фестивалот на европски филм Синедејс вечерва продолжува со исклучително богата и празнична програма, носејќи регионални гости, музички документарци и наградувани филмски остварувања. Во киното „Фросина“, со почеток од 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Бело се пере на деведесет“ на словенечкиот режисер Марко Набершник, во кој главната улога ја толкува легендарната актерка Аница Добра – вечерва и специјална гостинка на проекцијата. Филмот претставува македонска копродукција, во која учествува продукцијата „Црна мачкa“ од Скопје и продуцентот Томи Салковски.
По овој термин, во истото кино ќе биде прикажан музичкиот документарен филм „Фанк-ЈУ“ на Бранко Дујмиќ посветен на југословенската фанк-сцена и нејзиното културно наследство. Филмот нуди ретка можност да се погледне развојот на регионалната музичка историја низ архивски материјали и разговори со музичари кои ја обликувале естетиката на фанк-жанрот.
Во Денсинг салата, од 19 часот, следува документарниот музички филм „Трет свет“, посветен на легендарниот хрватски состав Хаустор, во режија на Арсен Оремовиќ. Филмот веќе ги освои кино-салите низ регионот, а вечерва публиката ќе има можност да го следи во присуство на самиот режисер – што проекцијата ја претвора во вистински филмски настан.
Освен музичките и копродукциските премиери, на програмата се и филмови од официјалните и од регионалните селекции, меѓу кои и „Тајниот агент“ на Мендоса Фило, номиниран за Златна Палма на овогодишниот Кански филмски фестивал. Публиката може да погледне и повеќе кратки филмови, како и избрани автори кои претставуваат нови тенденции на европската филмска сцена.
Билетите за сите фестивалски проекции се достапни на официјалната страница на Синедејс: www.cinedays.mk.
