Маргарита Арсова, уредничка на филмска програма на МКЦ

СИНЕДЕЈС на отворено во отсуство на кино сала, со помалку пари, но со филмска магија

„Секоја година се трудиме да се задржиме до правилото да имаме домашен филм за отворање и затворање на фестивалот. Мислам дека местото им е токму таму, за прослава на македонската кинематографија.  Отвораме со долгоочекуваната премиера на филмот “М”во режија на Вардан Тозија, филм кој веќе подолго време се очекува. Затвораме со филмот “Бизнисот на задоволството” во режија на Гоце Цветановски, кој неодамна беше награден на филмскиот фестивал во Софија.

Ќе имаме прекрасна Гала програма, прекрасни ретроспективни филмови на Боуви, прекрасни работилници и предавања, гости кои се љубопитни и желни да го доживеат фестивалот, така што ќе се потрудиме како и секогаш да оставиме импресивен впечаток – објаснува Маргарита Арсова, уредник на филмската програма на Младинскиот културен центар од Скопје, организатор на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“. Од 13 до 18 јули ќе се одржи уште едно летно издание на омилениот филмски фестивал во главниот град.“- ги пренесува импресиите за Трн, Маргарита Арсова, дел од тимот МКЦ, поточно уредничка на филмската програма.

Маргарита зад себе има 12 изданија на ФЕФ Синедејс со над 600 филмски премиери, над 1000 гости, стотина концерти и илјадници пропратни програми.

Трн: Како е скроен буџетот годинава и колку недостатокот на пари ќе влијае на квалитетот на содржината на фестивалот?

Маргарита: Буџетот на фестивалот е доведен до историски најниско ниво.  Постојано слушаме изговори како државата е во криза, поминавме и тешки периоди – свесни сме, ама од ретките случаи како Синедејс може да извлечеме поука. И во двете пандемиски години, 2020 и 2021 ние бевме единствен фестивал кој се одржа на отворено, под епидемиолошки мерки, во целосно физичко издание. Постојан докажуваме дека се може, а наградата за тоа е – секоја година, се помалку средства. Годинава, Агенцијата за филм ни го зголеми буџетот за едвај 20%, додека Градот Скопје го скрати за 80%. Во 2020 година, од Градот Скопје само за Синедејс имавме 3.500.000 денари, годинава имаме 650.000 денари целосно за сета филмска програма во МКЦ. И повторно ќе се адаптираме и ќе истраеме, бидејќи не се работи за нас – туку за нашите европски партнери и нашата верна и лојална публика која ни помогна да го изградиме фестивалот.

Трн: Каде ќе се одржува, со оглед на тоа дека во кино Милениум не функционира проекторот веќе неколку месеци, а таа беше главната сала за Синедејс во изминатите години?

Маргарита: Проекторот во кино Милениум е проектор кој во 2020 година се набави по тендерска постапка во МКЦ за проекции под отворено небо, за развој на кино културата во градот. Треба/ше да ни послужи за програмите кои тогаш ги имавме, проекции со “Кино на трева” во скопските населби на отворено во лето, патувачко кино… Сега е “заробен” во Милениум, со филмови кои се играат колку да се изиграат и да тече кино дејноста. Од жал за нашата најмлада публика, која доаѓа на проекции за своите роденденски прослави. Ете до таму е киното Милениум. Немаме разбирање ниту за кровот над киното од страна на управата на Градскиот трговски центар. При поголем дожд, се поплавува. Со други зборови – ние елементарно   ги немаме решено условите за сериозен фестивал, тогаш со која цел ќе зборуваме за програма? Не се одржува само Синедејс во Милениум, туку и Киненова, дел од програмата на Скопскиот филмски фестивал, Џифони.. Ние немаме репрезентативна кино сала во главниот град во државата за сервис на фестивалите, а државата финансира преку 20 филмски фестивали. Токму поради оваа состојба, Синедејс повторно ќе се одржи на отворено, иако не припаѓа таму. Само за потсетување, киното Фросина и Милениум се дел од најголемата европска мрежа на кино сали Europa Cinemas.

Трн: Каква програма има фестивалот, колку домашни и колку странски филмови ќе се прикажат?

Маргарита: Годинава имаме поскромна програма, со цел да заштедиме на квантитет, но да задржиме квалитет. Повторно имаме одлични, нови и свежи автори во Официјалната програма и програмата SEE, благодарение на нашиот селектор Бернд Будер. Потем, ја носиме програмата директно од Кан, ексклузивно, можам да кажам дека и ниеден друг фестивал во Европа не може да се пофали со ова. Се на се, околку 50 филмски наслови,  супер набиени филмски вечери проследени со филмски работилници и предавања и по некој концерт за гостите.

Трн: Што имате за отворање, а што за затворање на Синедејс?

Маргарита: Драго ми е што, секоја година се трудиме да се задржиме до правилото да имаме домашен филм за отворање и затворање на фестивалот. Мислам дека местото им е токму таму, за прослава на македонската кинематографија.  Отвораме со долгоочекуваната премиера на филмот “М”во режија на Вардан Тозија, филм кој веќе подолго време се очекува. Затвораме со филмот “Бизнисот на задоволството” во режија на Гоце Цветановски, кој неодамна беше награден на филмскиот фестивал во Софија.  Едвај чекаме.

Трн: Дали тоа што фестивалот е член на ФИАПФ го олеснува носењето гости од странство и колку тие се важен дел од целиот процес?

Маргарита: ФИАПФ ни помага околку стандардизирањето на процедурите околу организацијата на фестивалот.  Со помош на нив, успеваме да фатиме тек со останатите филмски фестивали во однос на организациските постапки и процедури. ФИАПФ значи признание дека сме на вистинскиот пат со фестивалот и дека припаѓаме на светската мапа на филмски фестивали. Како знак за своевиден квалитет, секако дека ФИАПФ помага во однос на поканите околу гостите и филмската програма бидејќи дава значење на фестивалот.

Трн: Ако се направи ретроспектива на изминатите години што ќе биде различно годинава и како ќе биде конципиран фестивалот?

Маргарита: Се трудиме да го одржиме фестивалот со програма и гости на високо ниво. Единствениот проблем е она што, за да растеш, ти треба домашна поддршка. Ние целиме вон нашите национални рамки, така што и секој залак помалку, за нас значи и мал пораз. Оваа година, работите не се во целосна кондиција, токму поради драстичното намалување на буџетот, но успеавме повторно да донесеме атрактивна програма и гости. Сме виделе и далеку поубави времиња, кога имавме и надеж. Сега, се е сведено, ни се чини и генерално во државата, во модус на преживување.  Но не се жалиме, тука сме да работиме и да туркаме напред, по секоја цена. Ќе имаме прекрасна Гала програма, прекрасни ретроспективни филмови на Боуви, прекрасни работилници и предавања, гости кои се љубопитни и желни да го доживеат фестивалот, така што ќе се потрудиме како и секогаш да оставиме импресивен впечаток.

Трн: Кои гости ќе може публиката да ги види?

Маргарита: Ај да остане некоја тајна. Ќе биде забавно!

Најново

Последни колумни