На 11 јули, во 20:30 часот, фестивалот Синедејс 2024 ја најавува македонската премиера на филмот: “EFTERKLANG: MAKEDONIUM BAND”, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ Скопје, Росфорт и Румракет од Данска.
Филмот ќе биде прикажан на свеченото отварање на 23 тото издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS.
Музичкиот документарен филм “EFTERKLANG: MAKEDONIUM BAND”, кој се снимаше во текот на април 2023, претставува шармантен увид во дарежливата и културна размена која премостува граници, меѓу македонскиот музички свет и данскиот бенд Ефтеркланг. Идејата на ова комично и себеспознавачко патешествие е со цел составување на мега ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност. Бендот е сочинет од 22 музичари, од кои покрај данскиот состав Efterklang членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, како и истакнатите музичари Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
„Фантастичните 2 распродадени проекции на најголемиот фестивал за документарен филм CPH:Dox во Копенхаген, Данска беа уште поголема мотивација да успееме во намерата и покрај прикажувањето на самиот филм, да го одржиме и концертот на целосниот состав на Efterklang: Makedonium Band веднаш по проекцијата! Во паркот зад МКЦ, повторно ќе ја реоживееме магијата која остана да лебди како ѕвездена прашина над македонското музичко небо. По концертот, свечено ќе се забавуваме и на диџеј сетот на Fitz from Earth или диџеј STROGO POP до раните утрински часови“, најавуваат организаторите.