Синдромот на скршено срце, познат и како такоцубо кардиомиопатија, е болест која продолжува да биде мистерија за лекарите. Ненадејната, краткотрајна срцева слабост предизвикува симптоми слични на оние на срцев удар.
Иако симптомите личат на инфаркт, оваа состојба се разликува по тоа што не постои блокада на крвните садови.
Првично се веруваше дека синдромот е предизвикан од силни емоционални реакции, како што се стрес, загуба или шок. Сепак, најновите истражувања покажуваат дека физички фактори, како што се мозочен удар, епилепсија и други акутни болести, се уште почести тригери.
Кај една третина од случаите, точниот предизвикувач останува непознат. Научниците од повеќе универзитетски клиники во Германија истражуваат кои воспалителни клетки би можеле да имаат улога во развојот на оваа состојба.
Такотсубо синдромот може да доведе до сериозни компликации, вклучувајќи срцева слабост, формирање на тромбови и ризик од мозочен удар. Најопасната фаза се првите неколку дена по настанувањето, но во повеќето случаи срцевиот мускул се опоравува во рок од осум недели.
Иако точниот механизам на болеста сè уште не е целосно разјаснет, пациентите моментално се третираат со лекови кои се користат за срцева слабост, со цел да се стабилизира срцевата функција. Научниците работат на идентификација на точните причинители, што во иднина би можело да доведе до поефикасни и насочени терапии.