Ас. д-р Елена Груева Настевска е специјалист кардиолог на Клиниката за Државна Кардиохирургија во Скопје. Со години работи во делот на кардиoлогијата и третманот на најтешките пациенти со срцеви болести. Д-р Еленеа е дел од тимот кој ги води трансплантациите на срце во земјава и се грижи пред и пост оперативно за трансплантираните пациенти. Со д-р. Елена забрувавме за болестите на срцето кои се водечка причина за смрт во земјава. Колку и како луѓето тука се грижат за своето здравје и за своето срце.
Tрн: Кои се најчестите митови или заблуди кои луѓето ги имаат кога е во прашање здравјето на срцето?
Д-р. Елена: Мислам дека најголема заблуда која луѓето ја имаат е дека срцевите болести се болести на стари лица. Секако дека ризикот за истите се зголемува со возраста, но тие може да се јават во било која возраст, вклучително и кај децата и кај младата популација.
“Срцевиот удар секогаш предизвикува градна болка”. Иако градната болка е најчестата презентација на коронарната артериска болест, таа не е единствениот симптом кој сугерира и укажува на потреба од кардиолошки преглед. Симптоми на отежнато дишење, замор при физички напор, нелагодност во гради се исто така дел од палетата на симптоми со кои може да се манифестира коронарната болест, особено кај повозрасните жени и пациентите со дијабетес.
Tрн: Што се смета за главен фактор на ризик за срцеви болести? Како можеме да се заштитиме од нив?
Д-р. Елена: Главните ризик фактори за срцеви болести се поделени во две категории, модифицирачки и немодифицирачки ризик фактори. Во првите спаѓаат пушењето, покачениот крвен притисок, покачениот холестерол како главни, потоа нездрава исхрана, физичка неактивност, дебелина, дијабетес, бубрежна болест, консумпција на алкохол итн, додека во немодифицирачки спаѓаат возраста, полот, генетскиот фактор и фамилијарната историја. Она што ние можеме да го направиме е директно да делуваме на модифицирачките ризик фактори и навремено да превенираме оштетувања кои долгорочно ќе се рефлектираат со појава на срцеви заболувања.
Tрн: Како пушењето, алкохолот и стресот влијаат на срцето?
Д-р. Елена: Пушењето е еден од главните ризик фактори кој преку повеќе начини ги оштетува крвните садови, а исто така и директно влијае на нивната функција. Ефектот на вазоконстрикција- односно стеснување на крвните садови го намалува протокот на кислород низ истите, и придонесува кон забрзана срцева работа. Оштетувањето на ендотелот на крвните садови како и процесот на инфламација се главните фактори кои водат до атеросклероза на артериите. Исто така, докажан е негативниот ефект на никотинот во зголемувањето на вредноста на LDL холестеролот кој е уште еден главен ризик фактор на коронарната артериска болест.
Стресот и алкохолот преку активирање на стрес хормоните како што се адреналинот и кортизолот. доведуваат до зголемена срцева фреквенција и зголемен крвен притисок кои на долг рок директно претставуваат значаен ризик фактор за коронарна болест. Акутниот стрес исто така, преку слични механизми на одговор на организмот, доведува до состојби како што е синдромот на скршено срце -Takotsubo sy. кој е се почест во изминатите неколку години и во светот, но и кај нас.
Она што би можела да го препорачам е менаџирање на стресот преку техники на релаксација, вежбање, социјална поддршка и водење на здрав живот, прекин на пушењето и контролирана консумпција на алкохол, се со цел намалување на стресот како ризик фактор.
Tрн: Каква е улогата на исхраната и физичката активност во превенцијата на срцевите заболувања?
Д-р. Елена: Исхраната и редовната физичка активност се препорака во сите светски водичи за кардиологија, се со цел превенција на срцеви заболувања и стекнување на редовни здрави навики. Тоа значи дека од најмала возраст, во семејството, училиштата и општеството треба да се води сметка за квалитетот на продуктите во исхраната и развој на свесноста за важноста од нутритивниот квалитет на храната, кој на долг рок може да придонесе кон намалување на ризикот од срцеви заболувања.
Tрн: Знаат ли генерално луѓето кога да побараат помош кога се во прашање болести на срцето?
Д-р. Елена: За жал поголемиот дел од пациентите кога ќе се јават на преглед веќе се со изразена симптоматологија што укажува на напредната фаза на болест. Дека грижата за личното здравје не е на високо ниво покажува и фактот дека освен потврдување на кардиолошка болест, неретко сретнуваме и пропратни неоткриени и нетретирани болести кои директно интерферираат, како што се дијабетесот и бубрежната болест, а пред се хиперхолестеремијата.
Секако дека и итните и хроничните состојби, можат да се превенираат како што кажав претходно, со делување на модифицирачките ризик фактори, редовни систематски прегледи и редовни контроли.
Tрн: Зголемен ли е бројот на пациенти на Клиниката за кардиохирургија?
Др. Елена: Бројот на пациенти со срцеви болести и во светот и во нашата држава расте секоја година, но напредокот во дијагностиката и третманот овозможува ефикасно справување со овој тренд на раст. Она што е секојдневие во нашата а и останатите институции кои третираат кардиолошки пациенти е континуирана потреба од зголемен број на болнички кревети и воедно потреба од дополнителен персонал.
Tрн: Кои се најчести совети кои им ги давате на вашите пациенти?
Др. Елена: “Превениран, не третирај” е можеби најсоодветниот заклучок на оваа дискусија.
Би сакала да поентирам дека грижата за сопственото здравје започнува надвор од болничките институции. Кај сите кардиолошки пациенти, препораката за најригорозни промени во начинот на живот и животните навики се првата линија од третманот која зависи исклучиво од самиот пациент. За жал поголемиот дел од пациентите започнуваат со овие промени откако ќе преживеат немил настан. Помошта за спроведување на истите доаѓа од нас како лекари, но и од најтесниот круг на семејството и општеството.