Синдромот на прилагоден човек е наследството на транзицијата, на општествените распади, на економската несигурност и политичките пресврти што со години ја моделираа свеста на генерациите. Траумите на деведесеттите и раните две илјадити години создадоа луѓе што се благодарни за минимумот, затоа што во времиња на нестабилност, минимумот беше единственото нешто што можеа да го контролираат.
Но ова наследство создаде и друга заблуда: претставувањето на една единствена „генерална вистина“ како општествена норма. Непризнавањето дека постојат повеќе реалности, повеќе начини на живеење и повеќе форми на храброст, доведе до тоа нечиј генерациски мајндсет да стане обврска за другите — момент во кој прилагодувањето престанува да биде избор и се претвора во тивка форма на насилство.
Генерацискиот јаз: трпението како стратегија vs. трпението како заблуда
Тука почнува големиот јаз: старата генерација беше научена дека молкот е мудрост, дека трпението е најдобрата одбрана, а прилагодувањето — најсигурниот начин да преживееш систем што нема намера да те заштити.
За нив, прилагодувањето беше условена рефлексна реакција. Секоја друга опција изгледаше опасно, нестабилно, ризично — па затоа „што помалку се гледаш, тоа подолго ќе траеш“ стана животна логика.
Но, новите генерации растеа во сосема различен контекст. Тие не се научени да молчат — ниту во семејството, ниту во институциите, ниту во општеството. Нивната одбрана не е прилагодување, туку поставување граници. Нивниот механизам на преживување не е повлекување, туку директна конфронтација со неправдата.
Затоа постои судир: она што младите го гледаат како храброст, постарите често го доживуваат како ароганција. Она што младите го сметаат за легитимно барање за достоинство, постарите го читаат како неблагодарност. И обратно: она што постарите го нарекуваат „реалност“, младите го гледаат како резигнација и самопораз.
Заглавените помеѓу: генерацијата што не знае каде припаѓа
Меѓу овие два света стои една преодна генерација — луѓе што се премлади да прифатат тишина, а премногу стари да живеат без компромис. Овие генерации се наоѓааат пред психолошки раскрстници — принудени да менуваат вкоренети навики на трпение додека истовремено учат да преживуваат во нови општествени барања што од нив очекуваат активност, гласност, храброст.
Оваа генерација се чувствува раздвоена: пред постарите треба да биде лојална, пред помладите — прогресивна. И во таа постојана тензија, се губи способноста да се разберат едни со други.
Кога генерациите престануваат да комуницираат
Најдлабокиот проблем не е разликата во ставовите, туку прекинот во комуникацијата. Секој останува лојален поддржувач на сопствената вистина, без простор за дијалог. Крајностите се толку зацврстени, што стануваат форма на идентитет: постарите се идентификуваат со прилагодувањето; а младите се идентификуваат со отпорот.
И токму тука се губи можноста за компромис.
Кога не слушаме зошто некој трпи и зошто некој не сака да трпи,
кога не ги разбираме различните трауми што не’ оформирале,
кога забораваме дека силата покажана тивко и силата покажана гласно имаат различни корени —
стануваме генерации што живеат една до друга, но не и една со друга.
Буден инат и цинизам како одбрана
Од една страна е будењето на инатот кај младите — потребата да се одбранат преку глас, преку граници, преку одбивање да продолжат со моделот на тивко прилагодување. Од друга страна е цинизмот, кој станува најчеста авто-одбрана во општество каде искрената надеж изгледа наивно. Цинизмот кај младите не е знак на ароганција — туку психолошки штит против повторување на истите генерациски порази.
Инатот и цинизмот кај младите се природен одговор на наметнатата должност дека „мора да слушаш“, да го прифатиш и контекстуализираш секој совет како апсолутна вистина и да се покориш пред претпоставената „повисока мудрост“, иако светот што тие го познавале одамна не функционира, а реалноста во која младите живеат е сосема поинаква.
Но иако тој стар свет повеќе не функционира, потребно е трпение да се спознае новата реалност, да се прифатат новите начини на живеење и да се препознаат новите генерациски светови како предуслов за вистинска функционалност на општеството.
Што ни треба?
Потребна ни е нова рамка на разбирање. Генерациите меѓусебно мора да престанат да се гледаат како противници во различни епохи на преживување. Прилагодувањето не смее да биде идеал, а отпорот не смее да биде казна. Потребна ни е култура на меѓусебно слушање, каде искуството на едните и храброста на другите не се спротивставени, туку се меѓусебно неопходни.
И можеби најважно од сè: да разбереме дека благодарноста за минимумот не е доблест, туку последица на траума, а храброста за промена не е ароганција, туку здрав одговор на неправда.
Додека не го разбереме тоа, ќе живееме во земја каде едни трпат затоа што така научиле, а други се бунат затоа што веќе не сакаат да го прифатат тоа наследство.
