Синдикатот на културата поднесе кривична против Љутков

„Кога министерот не ги почитува законите, и се става над нив единственото место каде што може да се бара правдата е обвинителството“ порачаа од СКРМ

Синдикатот на културата на Република Македонија поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за “злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик и „Повреда на правата од работен однос“ по член 166 во врска со член 45 од Кривичниот законик, соопштија денеска оттаму на прес конферецнија пред Обвинителството.

„Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење.

Министертот Љутков направи нешто што во правна држава не смее да се направи, со насоки пратени по меил и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или меил не е закон и Министер не е над закон. Ова упатство СКРМ го оспорува со иницијатива поднесена до Уставниот суд, со која се бара истото веднаш да се стави вон сила и да се поништи поради неуставност.

И покрај сите апели, предупредувања, правни аргументи и повици за дијалог, министерот остана глув и наместо дијалог, добивме самоволие. Наместо почитување на законите, добивме упатство кое стои над нив“ велат од СКРМ.

Оттаму потсетуваат дека веќе има повеќе од 800 тужби од вработените во културата против институциите и државата, од кои 50 завршиле со судски пресуди, а осум од нив се веќе правосилни, но додаваат дека министерот Љутков истите ги игнорира.

„Кога министерот не ги почитува законите, и се става над нив единственото место каде што може да се бара правдата е обвинителството, кое треба да го потсети дека никој не е над законите. Затоа денес сме овде и со целосна одговорност, ја објавуваме кривичната пријава против министерот Зоран Љутков.

По изјавата на министерот Љутков од собраниската говорница, во која се обидуваше да ја релативизира пресудата што Апелациониот суд Битола ја поништи, денес фактите повторно го демантираат. Основниот суд Битола повторно ја потврди првостепената пресуда, со што правдата уште еднаш излезе на виделина.

Останува да видиме дали апелациониот судија – во јавноста веќе познат како „Дали е наш?– Да, наш е.”повторно ќе се обиде да ја поништи и оваа пресуда, повикувајќи се на наводен недостаток од економско вештачење за статусно тужбено барање.

Воедно, јавноста очекува и одговор, дали Судскиот совет конечно ќе постапи по претставката што Синдикатот на културата на РМ ја поднесе против истиот овој апелационен судија.

Со своите постапки, министерот Љутков ги доведе и директорите на институциите од културата во исклучително незавидна и правно ризична позиција, туркајќи ги да постапуваат по негови насоки и упатства, иако тие беа во спротивност со законите, одлуките на УО и сега последно со судските одлуки.

Поради тоа, Синдикатот подготви и денес ќе поднесе кривични пријави и против директорите на институциите од културата за „Повреда на правата од работен однос“ по член 166 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Важно е да се нагласи дека директорите беа претходно писмено предупредени од Синдикатот дека доколку постапат по незаконските налози и ги прекршат правата на вработените, ќе следуваат кривични пријави. Овие кривични пријави следуваат по цела една година дадена можност директорите да ја исправат направената грешка и да постапат согласно закон и колективните договори.

Наместо тоа, тие избраа да продолжат по погрешниот пат и сега следствено ќе мора да се соочат со правните последици од таквите одлуки. Овој проблем повеќе не е само спор помеѓу Синдикатот и министерството, туку е прашање дали законите важат за сите. Затоа Синдикатот веќе подготвува постапки и пред Меѓународната организација на трудот, која по запознавањето со состојбите во културата покажа сериозен интерес за овој случај.

Во разговор, тие останаа изненадени за случувањата во културата, за кои кажаа дека не ги сретнале дури и во доста помалку развиените земји“ порачаа од Синдикатот.

Претставници на Синдикатот од пред Обвинителството и директно му се обратија на министерот Љутков.

„Министре Љутков, се разбира дека ова можеше да се избегне. Требаше само да се почитуваат законите и колективните договори. Требаше само да се почитуваат судските пресуди.

Требаше само да се слушнат луѓето со кои до вчера работевте. Требаше само да се сетите дека утре повторно ќе седите со нас … а не над нас.

Требаше само малку помалку суета и малку помалку самоувереност во сопствената безгрешност.
Ништо повеќе.

Но кога функцијата ќе удри во глава, тогаш законот мора да приземји. Мора да потсети дека никој не е над него. Инаку, за што ни се законите? Затоа сме денес овде. Не затоа што гориме од желба да поднесуваме кривични пријави. Туку затоа што имаме должност да ги браниме правата на работниците во културата – права што се стекнувани со години труд и борба, права кои, да потсетиме, и вие ги уживавте пред да станете министер.

Затоа што, ако законот се крши од оние што треба да го спроведуваат и штитат, тогаш молчењето станува соучешнитво.

Ако министрите не одговараат кога ги прекршуваат законите, тогаш државата престанува да биде држава.
Законот или важи за сите – или не важи за никого. А кога законот не важи, правдата умира. А кога правдата умира – умира и државата. А со неа и културата“ порачаа од СКРМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни