Не стивнуваат реакциите по веста за изборот на нов директот на Националната галерија на Северна Македонија. По вчерашниот став на вработени во галеријата кој беше пренесен од Трн, денес со реакција излезе и Синдикатот на култура во кој се бара почитување на законите и зачувување на интегритетот на културните работници. Интегрално ја пренесуваме целата реакција:
КУЛТУРАТА НЕ Е КВОТА
Уште на 7 март 2025 година, СКРМ со допис реагираше до министерот за култура, Зоран Љутков , со јасно барање: при изборот на директори на националните институции да се постапува строго согласно Законот.
Тогаш стануваше збор за Филхармонија, денес — за Национална Галерија.
Ништо не е променето, и покрај бројните реакции од вработените во самите институции. Барањето беше едноставно — да се почитува Законот, без отстапки од мерит-системот, и од сите пријавени кандидати да се избере најквалификуваниот.
Но, Министерството за култура и министерот очигледно продолжуваат да го поткопуваат професионалниот интегритет на културните работници, потценувајќи ги нивните стручни и интелектуални капацитети. Се назначуваат кандидати без соодветно работно искуство, па дури и лица кои не ги исполнуваат основните услови за да бидат на раководна позиција.
Ако министерот навистина се залага за силни културни институции како темел на културниот развој на државата, тогаш мора да разбере: директорите не смеат да се избираат според политичка или етничка припадност, туку според стручност, визија и докажана посветеност.