Синдикатите го блокираат Собранието: Работниците осиромашуваат, пратениците молчат

ССМ денеска го блокира Собранието и ги затвора улиците во центарот на Скопје, барајќи зголемување на минималната плата и кратење на пратеничките привилегии.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 9 часот најави синдикална блокада на Собранието, со затворање на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“, во знак на протест поради, како што велат, одолговлекувањето на пратениците околу зголемувањето на минималната плата и кратењето на функционерските привилегии.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека секој месец без законска интервенција ги чини работничките семејства околу 9.500 денари, колку што, според синдикалните пресметки, пораснала минималната потрошувачка кошница. Од ССМ повторно побараа намалување на пратеничките плати за 80 проценти и укинување на нивното автоматско усогласување со просечната плата.

Од Собранието порачаа дека протестите се легитимни, но дека не смее да се попречува работата на пратениците. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека потребно е „нивелирање“ на платите според функциите и одговорностите, без директно да се изјасни за барањата за минималната плата.

ССМ најави дека блокадите ќе продолжат сè додека не се отвори собраниска расправа за минималната плата, посочувајќи дека додека дел од администрацијата веќе обезбедува раст на платите преку интерни договори, основната плата од која зависат илјадници работници останува без политичка одлука.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни