Шест синдикати од јавните служби, со исклучок на секторот за социјална заштита, одржаа протест на Европскиот плоштад во Загреб под мотото „Синдикална пролет“, обвинувајќи ја Владата за отсуство на социјален дијалог и застој во преговорите за гранските колективни договори.
На протестот се собраа повеќе од илјада граѓани од различни делови на Хрватска.
„Платите не го следат растот на трошоците“
Санда Алиќ од Синдикатот на здравствени работници „Заедно“ изјави дека платите во јавниот сектор се „исклучително ниски“ и не го следат растот на животните трошоци.
„Премиерот неодамна даде изјава. Господине Пленковиќ, овие луѓе дојдоа да ви покажат како изгледа реалноста. Владата ја зголеми основицата за 1+1 процент – тоа е срамно. Само во февруари инфлацијата изнесуваше 4 проценти“, рече Алиќ.
Таа додаде дека состојбата во здравството е особено тешка, со недостиг на медицински сестри и неправедни коефициенти за платите, при што дел од вработените биле исклучени од зголемувањата.
„Итно бараме измена на уредбата за коефициенти“, порача таа.
„Јавните служби треба да бидат приоритет“
Мислав Стипиќ од синдикатот „Препород“ упати остри пораки до Владата, нагласувајќи дека јавните служби мора да бидат врвен приоритет.
Премиерот Андреј Пленковиќ, во пресрет на протестот, изјави дека во демократско општество секој има право да го искаже својот став и дека го разбира незадоволството.
Тој најави дека надлежните министри ќе продолжат со преговорите со синдикатите, но во рамки на „реалните можности“ на државата. Додаде дека разговорите веќе се водат, иако не се јавни.
Пленковиќ предупреди и на сериозна енергетска криза што, според него, би можела да биде една од најголемите во последните децении.
Обвинувања за еднострани одлуки
Синдикатите тврдат дека Владата самостојно ја утврдила основицата за плати за 2026 година и дека веќе втора година нема дополнување на Темелниот колективен договор, ниту пак три години се водат преговори за гранските договори.
Тие додаваат дека не се почитуваат ниту обврските за разговори за коефициентите во образованието, како и за други важни прашања, вклучително и надоместок за исхрана.
„Владата сака да одлучува еднострано и нема разбирање за интересите на вработените“, порачаа синдикатите.
Поддршка и најави
Организаторите најавија учество на демонстранти од сите хрватски жупании и го повикаа граѓанството на солидарност.
Протестот го организираа синдикатите „Препород“, Независниот синдикат на науката и високото образование, Синдикатот на вработени во средните училишта, Работничкиот синдикат на Хрватскиот завод за пензиско осигурување, Синдикатот на културата и Синдикатот „Заедно“.
Поддршка дадоа и Хрватското новинарско друштво и здружението НОВИСС – Нова визија за социјална заштита.