Полицијата во американската сојузна држава Мичиген реагираше за можен активен напаѓач во синагогата Temple Israel во Вест Блумфилд, предградие на Детроит.
Според локалните власти, инцидентот започнал кога автомобил удрил во зградата на синагогата, по што биле пријавени истрели и густ чад од покривот. На местото веднаш пристигнале бројни полициски и итни служби, а областа била опколена додека службите ја проверувале зградата и ги евакуирале присутните.
Синагогата Temple Israel е една од најголемите реформистички еврејски заедници во САД и во неа функционира и образовен центар за деца, што дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста. Неколку родители добиле дозвола од полицијата да ги земат своите деца од образовниот центар во објектот.
Поради инцидентот, училиштата во околината се ставени ставени во таканаречен „безбеден режим“, што значи дека учениците и персоналот остануваат во зградите додека полицијата ја обезбедува областа.
Еврејската федерација во Детроит исто така ги повикала сите еврејски институции во регионот да воведат „lockdown“ протокол, односно привремено да ги затворат влезовите и излезите од зградите од безбедносни причини.
Властите ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа додека трае полициската операција. Во моментот на последните информации немаше потврдени податоци за жртви, а истрагата за инцидентот е во тек.