Норвешкото обвинителство денеска побара седум години и седум месеци затвор за Мариус Борг Хојби, син на престолонаследничката Мете-Марит, кој се суди за силување и насилно однесување кон поранешни партнерки.
Хојби, 29-годишник роден пред бракот на неговата мајка со престолонаследникот Хакон, е обвинет по вкупно 40 точки од обвинението, за кои е предвидена вкупна казна од 16 години затвор. Тој признава дел од делата, но ги негира најтешките обвиненија, вклучувајќи наводни силувања на четири жени.
Обвинителот Стурла Хенриксбø истакна дека „силувањето може да остави трајни последици и да уништи животи“ и дека тоа е товар кој жртвата го носи цел живот.
Иако Хојби формално не е член на кралското семејство, неговиот случај сериозно го наруши угледот на норвешката монархија.
Аферата започна на 4 август 2024 година, кога полицијата го приведе поради сомневање дека претходната ноќ физички ја нападнал својата тогашна партнерка. При заплената на неговиот телефон и компјутер, истражителите пронајдоа снимки кои документираа кривични дела и прекршоци за кои подоцна беше обвинет.
Според обвинителството, четирите жртви на сексуално насилство сфатиле дека биле силувани дури по покажување на снимките од страна на полицијата. Крајната пресуда се очекува во следните недели, а можно и во наредните месеци.