Симона Јованоска со нова книга раскази: „Ништо нормално“

Во Галеријата на МКЦ на 2 април ќе биде промовирана новата збирка раскази на Симона Јованоска, а книгата ќе ја претстави писателот Иван Шопов.

На 2 април, со почеток од 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоција на збирката раскази „Ништо нормално“ од писателката Симона Јованоска. Книгата е објавена во едицијата ПРОаЗА, како издание број 246 на „Или-Или“.

Промоцијата ќе се одвива низ разговор со авторката, а книгата ќе ја претстави писателот Иван Шопов.

„Ништо нормално“ означува враќање на Јованоска кон расказот, жанр во кој веќе се има афирмирано. Во фокусот на новата книга се наоѓа „малиот човек“, а низ дваесетина раскази се отвораат прашања за човечките стравови, желби, несигурности и за самото значење на поимот „нормално“. Според уредничката Наташа Атанасова, расказите преку впечатливи ликови и ситуации допираат до личните и општествените болки со силна имагинација и остар увид.

Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Авторка е на книгата раскази „Ги најдов во длабокото“, романите „Денот на црвот“ и „Леска Брезоска“, како и на книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“. Нејзиниот роман „Денот на црвот“ беше прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни