Словенечката писателка, драматург и драмска авторка Симона Хамер престојува во Скопје како последна гостинка во рамките на книжевните резиденции за 2025 година, проект на издавачката куќа „Готен“ поддржан од европската мрежа за преводи и книги „Традуки“.
Нејзиниот прв роман, „Цимери“, штотуку беше објавен во август оваа година од издавачката куќа „Цанкарјева заложба“, што резиденцијата ја претвори во вистински момент за почеток на нејзиниот нов проект.
„Мојот месец во Скопје беше уметнички многу продуктивен и културно инспиративен. Моментално работам на драмски текст за група аматери орнитолози кои се борат против корпорации и политичари за парче земја што е дом на загрозена птица. Запознавањето со ситуацијата околу зачувувањето на природата, урбанистичкото планирање и заштитата на дивиот свет во Македонија беше мошне мотивирачко за мене,“ вели Хамер.
Авторката додава дека уживала во истражувањето на границите меѓу комедијата и апсурдот, гледајќи локални претстави во Театар Комедија – особено „Аматери“ и „Тарзан“, кои, како што вели, „се занимаваат со актуелни социјални и еколошки прашања“.
За време на престојот во Скопје, Хамер воспостави контакти со издавачи, универзитетски професори и претставници на македонските театри. Разговараше и со преведувачите Дарко Спасов, Иванка Апостолова Баскар и Винсент Вилчник за можни идни преводи и културна соработка меѓу Македонија и Словенија.
„Посетив и дел од фестивалот РУТА, кој е одлична платформа за поврзување на театарските професионалци од целиот регион. Благодарна сум што имав можност да ја запознаам културната сцена на Скопје, нејзините теми и предизвици, и да воспоставам трајни врски за идна размена,“ додава таа.

Симона Хамер (1984) е наградувана писателка и драматург од Љубљана, Словенија. Студирала драматургија и сценски уметности на Академијата за театар, радио, филм и телевизија при Универзитетот во Љубљана, и е добитничка на награда „Прешерн“ за академски достигнувања.
Како авторка и ко-креаторка на над 40 театарски претстави и радио драми, таа има освоено повеќе национални и меѓународни признанија, меѓу кои Националната награда за најдобра претстава („Разгледници или Стравот е шуплив одвнатре и празен однадвор“, 2017) и награда за најдобро либрето („Цимери“, 2019).
Нејзините дела биле изведени во Deutsches Theater Berlin, на фестивалот Neue Stücke aus Europa во Визбаден, како и во САД, Австрија, Србија, Чешка, Хрватска и Италија. Хамер е и основач на словенечката иницијатива за современа драматургија „ПреГлеј“ и менторка на бројни работилници за креативно пишување.