Романците в недела излегуваат на повторени претседателски избори на кои би можел да победи кои би можел да победи крајно десниот евроскептик Џорџе Симион.
Симион води во анкетите на јавното мислење пред првиот круг гласање во земјата, која е членка на ЕУ и НАТО, пет месеци откако претседателските избори беа поништени поради наводно руско мешање, што Москва го отфрли.
Симион се надева дека ќе профитира од широко распространетиот гнев на јавноста откако на десничарскиот кандидат Калин Георгеску, фаворитот на минатите избори, му беше забрането да се кандидира на овие избори.
Симион се противи на воената помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и го поддржува движењето на американскиот претседател Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. Како конзервативен христијанин, го поддржа неуспешниот референдум од 2018 година против склучување брак меѓу истополови партнери.
– Сосема е јасно дека е изграден силен антизападен тренд и дека правецот на Романија е во невидена опасност, изјави политикологот Кристијан Пирвулеску.
Според анкетите, Симион освојува околу 30 отсто од поддршката, што му дава убедлива предност пред двајца центристи, но сугерира дека нема да освои доволно гласови за да избегне втор круг на 18 мај.
Негови најголеми ривали се поранешниот сенатор Крин Антонеску и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, и двајцата центристи. И Антонеску и Дан ја поддржуваат ЕУ и НАТО, како и продолжување на поддршката за Украина.
Романскиот претседател е ограничен на два петгодишни мандати и има полуизвршна власт која вклучува командување со вооружените сили и претседавање со советот за безбедност кој одлучува за воена помош.
Претседателот ја претставува Романија на самитите на ЕУ и НАТО, може да стави вето на важни гласања во ЕУ и го именува премиерот, главните судии, обвинителите и шефовите на тајните служби.
Симион поддржа враќање на Романија во границите од 1940 година кои вклучуваат територии во Бугарија, Молдавија и Украина, каде му е забранет влезот во последните две земји.
Ако биде избран, Симион рече дека јавно ќе објави „колку земјата придонела за воените напори во Украина на штета на субвенциите за романските деца и пензиите за романските граѓани“.