Симфониски концерт за деца во Филхармонија: премиера на „Магичната флејта на Вулфи“

На 14 март најмладата публика ќе ужива во музиката на Моцарт, новата приказна на Тина Иванова и настапот на актерот Мартин Јордановски, под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Македонската филхармонија на 14 март со почеток во 12 часот ќе одржи симфониски концерт за деца, на кој премиерно ќе биде изведена музичката приказна „Магичната флејта на Вулфи“.

Авторка на приказната е Тина Иванова, која ќе се појави и како нараторка на концертот, додека како актер ќе настапи Мартин Јордановски, миленик на најмладата публика. Концертот ќе го диригира маестро Иван Еминовиќ, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе дела од богатиот опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

„Магичната флејта на Вулфи“ е детска приказна инспирирана од музиката на Моцарт, но со оригинална и автентична нарација. Во неа се следат авантурите на малиот Вулфи – љубопитно и палаво момче кое преку низа комични ситуации и необични средби открива магичен свет исполнет со музика.

Неговата љубопитност го води до визбата на татко му, каде што ќе ја пронајде магичната флејта. Нејзините звуци ќе му помогнат да ја оствари својата најголема желба – да стане славен музичар.

Приказната е исполнета со фантазија и магија, а концертот има и едукативен карактер. Целта е најмладата публика преку забава да се запознае со музиката на Моцарт и со светот на класичната музика, но и да научи дека со голема желба и љубов кон музиката соништата можат да станат реалност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни