Есенската сезона на фестивалот „Денови на македонска музика“ ќе биде отворена на 21 септември со концерт на оркестарот на филхармонијата, со која ќе настапат тројца извонредни солисти: Маја Кастратовиќ – пијано, Златка Митева – флејта и Владимир Лазаревски – обоа, предводени од реномираната диригентка Бисера Чадловска.
На програмата се делата „Увертира“ за симфониски оркестар (1975) од Димче Николески, „Пасторали“ за флејта, обоа и камерен оркестар (1958) од Благоја Ивановски, „In 5“ – Концерт за пијано и симфониски оркестар (2003) од Александар Лековски и „Стара песна“ – концертни сцени за симфониски оркестар (1994) од Томе Манчев.
Програмата на концертот е дел од заложбите на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) да се отвори простор за изведба на дела од македонски композитори напишани за големи оркестри, бидејќи често се случува таквите дела да имале само една изведба во периодот од кога се создадени.
Концертот ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, а влезот е слободен.