Германскиот технолошки гигант Siemens објави раст на приходите во првиот квартал од фискалната 2026 година, со подобрување во сите деловни сегменти и двоцифрен пораст на вкупните нарачки.
Во периодот од октомври до декември, приходите изнесувале 19,1 милијарда евра, што е за четири проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Ако се исклучат валутните разлики и промените во портфолиото, растот изнесува осум проценти.
Вредноста на новите нарачки пораснала за 10 проценти и достигнала 21,4 милијарди евра, покажува финансискиот извештај на компанијата со седиште во Минхен
Добивката пониска поради минатогодишна еднократна продажба
Нето-добивката во првиот квартал изнесувала 2,22 милијарди евра, што е за 43 проценти помалку во споредба со почетокот на фискалната 2025 година. Причината за падот е тоа што ланскиот резултат вклучуваше еднократен приход од продажбата на Innomotics во износ од 2,1 милијарда евра.
Извршниот директор Роланд Буш оцени дека добриот старт на фискалната година делумно се должи на раст без значително зголемување на инвестициите и фиксните трошоци, како и на успешната интеграција на вештачката интелигенција во деловните процеси.
„Siemens е многу добро позициониран на своите растечки пазари. Вештачката интелигенција е силен двигател на растот на нашето работење“, изјави Буш.
Силен раст во инфраструктура и дигитална индустрија
Најголем придонес во добивката има сегментот Паметна инфраструктура, кој остварил 1,05 милијарди евра – што е раст од 18 проценти. Овој дел од бизнисот профитира од засилената изградба на центри за податоци, каде што приливот на нарачки бил „извонреден“, според финансискиот директор Ралф Томас.
Сегментот Дигитална индустрија забележал скок на добивката од 37 проценти, на 804 милиони евра, при што нарачките пораснале за 15 проценти, одразувајќи зголемена побарувачка за автоматизација.
Најмалиот сегмент, Мобилност, исто така прикажал солидни резултати, со добивка од 286 милиони евра – за 15 проценти повеќе во однос на истиот период лани.
Сименс повторно на врвот на DAX
По објавувањето на резултатите, акциите на Siemens пораснаа на берзата. Пазарната капитализација на компанијата надмина 217 милијарди евра, со што го престигна софтверскиот гигант SAP и се искачи на врвот на германскиот берзански индекс DAX, пренесува агенцијата dpa.
Извор: Hina / dpa
