Силувањето системски се користи како воено оружје во Судан, предупреди денеска агенција на ОН, бидејќи конфликтот влегува во својата втора година.
„Видовме пораст од 288 отсто од потребата да се спасат животите на жртвите на силување и сексуално насилство. Почнуваме да ја гледаме системската употреба на силување и сексуално насилство како оружје за војна“, изјави Ана Мутавати, регионален директор на ОН Жена во Женева, преку видео врска од Порт Судан.
„Женските тела се претворија во бојно поле“, рече таа, без да прецизира која страна во суданската војна е одговорна.
Војната меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) избувна во април 2023 година, рушејќи ги надежите за транзиција кон цивилно владеење.
Поради конфликтот се раселени милиони луѓе и опустошени се региони како Дарфур, каде што РСФ се бори да ја одржи својата позиција поради напредувањето на армијата кон Картум.
„Ова е само врвот на ледениот брег, не се појавуваат сите затоа што постои срам и обвинување на жртвите што се поврзани со секоја жена која била силувана или групно силувана“, рече таа.
Минатогодишната мисија на ОН за проверка на фактите ги опиша нивоата на сексуална злоупотреба, вклучително и силување деца, како „зачудувачки“.