Силно невреме ја зафати Грција во нејзиниот западен дел, а големи штети претпре и познатиот туристички остров Крф.
Силното невреме со обилни врнежи од дожд, грмотевици и ветер, што траеше речиси три дена, беше најизразено во текот на вчерашниот ден на Крф, во областа Епир, градовите Јанина, Арта, Парга и Игуменица, но и во планински места во северозападниот дел на Грција.
Особено погоден е северниот дел на Крф, каде што има проблеми во над десет села, а заменик-министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Костас Кацафадос денеска е во посета на островот за координација на активностите за санација на штетите.
Во текот на вчерашниот ден од бројот 112 за итни случаи беа испратени три пораки во три различни делови на западна Грција за граѓаните да ги ограничат нивните движења поради силниот дожд и лизгањето на земјиштето.
Според податоците на порталот Метео на Националната опсерваторија во Атина, во текот на вчерашниот ден најголема количина дожд, 279,6 милиметри била регистрирана во близина на градот Арта.
