Силниот ветар скрши едрилица, спасени четири лица

СВР Охрид соопшти дека благодарение на брзата интервенција на граничната полиција, спасените лица се извлечени без повреди, а ситуацијата е ставена под контрола.

Четирите лица биле спасени од средината на Охридското Езеро во саботата вечерта, откако поради лошите временски услови ја изгубиле контролата врз едрилица. Брзата реакција на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ спречи трагедија.

Полициски службеници веднаш се упатиле на терен со службен глисер и ги лоцирале четирите лица на едрилица кои гласно барале спас. Со преземање на сите неопходни мерки, тие биле безбедно пренесени до полициската станица кај каналот „Студенчишта“.

Спасена е и самата едрилица, на која, поради силниот ветар и бранови, се скршил крмениот лист. Тоа довело до целосна загуба на контролата врз пловилото од страна на лицето кое го управувало.

Инцидентот бил пријавен на 28 јуни 2025 година во 19:30 часот, кога било соопштено дека од пловен објект, кој се наоѓал на околу 2,5 километри од брегот наспроти авто кампот „Извиднички“, неколку лица повикуваат помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни