Силни бури го зафатија северот на Италија, предизвикувајќи поплави, свлечишта и сериозни нарушувања. Според властите, еден турист е пријавен како исчезнат во регионот Пијемонт, а неколку региони се ставени под високо метеоролошко предупредување.
Во Милано, реката Севезо излезе од своето корито во понеделникот, поради што пожарникарите мораа да евакуираат неколку училишта и жители од поплавените населби. Реката Ламбро исто така достигна критично ниво, што доведе до поставување на мобилни бариери за поплави.
Според италијанската новинска агенција RAI, во регионот Ломбардија биле изведени над 650 итни интервенции, со ангажирани повеќе од 200 пожарникари.
Во провинцијата Монца и Брианца, пожарникарите успеале да спасат мајка и нејзино бебе од 10 месеци кои биле заглавени на кровот од својот автомобил опкружени со надојдена вода.
Во Спињо Монферато, Пијемонт, е во тек потрага по германски турист кој исчезнал за време на надојдени поплави.
Издадени метео-предупредувања
Италијанската цивилна заштита издаде портокалово предупредување за регионите: Ломбардија, Венето и и Лацио, со акцент на хидрогеолошки и поплавни ризици.
Жолти предупредувања се активни во поголеми делови од: Пијемонт, Фурланија-Јулиска краина, Тоскана, Умбрија, Абруцо, Молизе, Кампања, Сицилија и Сардинија.
Властите апелираа до граѓаните да избегнуваат поплавени зони, подвозници, како и јавни паркови, додека итните служби работат на стабилизирање на состојбата и воспоставување безбедни услови.
Што велат метеоролозите?
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови, со најави за грмежи во централна и северна Италија, температури под просекот за ова време од годината и потенцијални обилни врнежи и на југот на земјата за време на викендот
Штети и изолации
Во регионот Лигурија, властите потврдија дека некои семејства се уште се отсечени поради поплави во областа Вал Бормида.
Болнички објекти во Каиро Моненоте претрпеле оштетувања од вода, поради што пациенти на дијализа биле префрлени во други здравствени установи.
Локалните власти предупредуваат дека штетите на домовите, деловните објекти и инфраструктурата може да бидат значајни, и најавија дека се подготвуваат барања за прогласување на вонредна состојба и обештетување.