Силна зимска бура го погоди источниот дел на САД: Њујорк воведе забрана за патување

Моќна зимска бура го зафати североистокот на САД, со десетици милиони луѓе под предупредување. Њујорк прогласи вонредна состојба и воведе целосна забрана за патување, а илјадници останаа без струја.
NEW YORK, NEW YORK - JANUARY 25: People cross the street in Times Square during a snowstorm on January 25, 2026 in New York City. A massive winter storm is bringing frigid temperatures, ice, and snow to nearly 200 million Americans. (Photo by Andres Kudacki/Getty Images)

Силна зимска бура го зафати североистокот на Соединети Американски Држави, при што за околу 59 милиони луѓе е издадено метеоролошко предупредување. Во Њујорк е воведена забрана за патување, а низ регионот се регистрирани бројни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Вонредна состојба е прогласена во сојузните држави Масачусетс, Конектикат, Делавер, Њу Џерси и Род Ајленд, објави BBC News.

Најсилна бура во последната деценија

Метеоролозите најавуваат дека поголемиот дел од североисточниот дел на САД, како и канадските приморски провинции, ќе бидат погодени од невремето до понеделник. Станува збор за најсилниот циклонален систем – познат како „нористер“ – во речиси десет години, кој носи обилен снег, силни ветрови и крајбрежни поплави.

Предупредување за снежна бура е издадено за околу 40 милиони луѓе, додека дополнителни 19 милиони се под општо предупредување за зимска бура, кое се протега од централните Апалачи до брегот на Мејн.

Според Националната метеоролошка служба, можно е да наврнат од пет до седум сантиметри снег на час, а вкупната снежна покривка да достигне меѓу 30 и 60 сантиметри, што ќе го направи патувањето „речиси невозможно“ и исклучително опасно.

Њујорк најтешко погоден

За првпат по девет години, најголемиот американски град, Њујорк, се најде под предупредување за снежна бура. Се очекуваат од 45 до 60 сантиметри снег во поширокото градско подрачје, а температурите да се спуштат до околу -6 степени Целзиусови.

Градоначалникот Зохран Мамдани прогласи вонредна состојба и воведе целосна забрана за патување од недела во 21 часот до понеделник напладне по локално време. Училиштата ќе бидат затворени, а улиците, автопатите и мостовите ќе бидат достапни само за итни служби.

Гувернерката на државата Њујорк, Кети Хокул, исто така прогласи вонредна состојба и активираше припадници на Националната гарда. Таа предупреди дека силните налети на ветер – до 112 километри на час – може да предизвикаат уривање дрвја и дополнителни прекини на струја.

Поради бурата се откажани околу 3.900 летови низ САД, а повеќе од 20.000 домаќинства во Њу Џерси останаа без електрична енергија.

Мерки и во другите сојузни држави

Во Њу Џерси гувернерката Мики Шерил прогласи вонредна состојба и го суспендира јавниот превоз. Во Род Ајленд, гувернерот Ден Меки издаде забрана за патување на целата територија.

Гувернерот на Конектикат, Нед Ламонт, забрани сообраќај за сите комерцијални возила на автопатите, додека во Пенсилванија гувернерот Џош Шапиро прогласи состојба на катастрофа.

Во градот Бостон училиштата се затворени, а локалните власти апелираат граѓаните да останат дома и да ја сфатат бурата сериозно.

Американските власти предупредуваат дека најлошите услови допрва следуваат и повикуваат на максимална претпазливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни