Најновиот документарен филм на македонската режисерка Тамара Котевска, „Силјан“, ќе ја има својата скопска премиера на 4 јануари 2026 година (недела), со почеток во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар.
Филмот, кој веќе зад себе има значајна меѓународна фестивалска кариера, ја раскажува интимната и симболична приказна за односот меѓу човекот и природата, преку следење на животот на еден земјоделец и повреден бел штрк – мотив инспириран од македонскиот фолклор и митологија.
По повод најавата за премиерата, Трн денес објавува ексклузивна фото-сесија со Тамара Котевска, реализирана специјално за нашата публика.
„Оваа приказна ѝ припаѓа на публиката и на местото од кое потекнува“, изјави ексклузивно за ТРН Тамара Котевска, во пресрет на македонската премиера на „Приказната за Силјан“, филм за кој светските критичари пишуваат дека е „триумф“, „апсолутен шармер“ и „импресивно дело“, а го опишуваат и како „прекрасна и нежна меланхолија, деликатно поврзана со екосистемот што трпи притисок од социополитичките кризи во Македонија“.
„Силјан“ е ново авторско остварување на Котевска по светскиот успех на Honeyland, филм кој ја постави Македонија на мапата на современиот документарен филм. Новиот проект продолжува во поетски и хуманистички клуч, со нагласена визуелна тишина и силна метафоричност.
Скопската премиера во Македонскиот народен театар ќе биде прва можност домашната публика да го види филмот на големо платно, по неговите прикажувања на реномирани светски фестивали.