Филмот „Силјан“ на Тамара Котевска не се најде на потесната листа за номинација за Оскар, ниту во категоријата за најдобар странски филм, каде што беше официјален македонски кандидат, ниту во категоријата за најдобар документарен филм.
Потесните листи во 10 категории ги објави Американската академија за филмски уметности и науки, а конечните номинации ќе бидат соопштени на 22 јануари, кога ќе бидат избрани по пет филмови во секоја категорија. Свеченото доделување на Оскарите е закажано за 15 март.
Инаку, кампањата за можни номинации започна во септември, откако National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни филмови, го откупи „Силјан“ за меѓународна дистрибуција. Филмот ја имаше и својата американска кинопремиера во Њујорк на 28 ноември.
Според објавените потесни листи, во конкуренција за номинација за најдобар документарен филм се најдоа 15 наслови, меѓу кои „Mr. Nobody Against Putin“, „The Perfect Neighbor“, „Yanuni“ и „2000 Meters to Andriivka“. Во категоријата најдобар странски филм, пак, во трка остануваат филмови од Аргентина, Франција, Германија, Јапонија, Индија, Палестина, Јужна Кореја и други земји.
И покрај тоа што не влезе во потесната оскаровска селекција, „Силјан“ бележи значаен меѓународен успех. Филмот ја имаше светската премиера на Венецискиот филмски фестивал, а неодамна освои две награди на Меѓународната асоцијација за документарни филмови (IDA) – за најдобар документарен филм и за најдобра камера. Дополнително, доби и номинација за Independent Spirit Award, како и за наградата на Здружението на продуценти на Америка (PGA).
Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се и продуценти на филмот, се номинирани во категоријата најдобар продуцент на документарен филм, што уште еднаш ја потврдува меѓународната релевантност на проектот.
Потсетување дека во 2020 година, Котевска со документарецот „Медена земја“, коавторство со Љубо Стефанов, испиша историја со две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм – редок успех во светската кинематографија.
