Силен земјотрес од 5.2 степени ја погоди Калифорнија

Вчера (понеделник, 14 април 2025), јужниот дел на Калифорнија – во близина на Лос Анџелес и границата со Мексико кај Тихуана – беше погоден од земјотрес со јачина од 5.2 степени според Рихтеровата скала, соопшти Националниот центар за информации за земјотреси при Геолошката служба на САД (USGS).

Епицентарот на земјотресот се наоѓал на 33.04° северна географска ширина и 116.57° западна должина, на длабочина од 10 километри – што го прави релативно плиток, а со тоа и почувствуван на поширока територија.

Земјотресот бил регистриран во сеизмички многу активно подрачје, на границата меѓу Пацифичката и Северноамериканската тектонска плоча. Според првичните информации, потресот бил почувствуван во голем број градови: Лос Анџелес, Сан Диего, Тихуана, Мексикали, Морено Вали и Индио, а можно е и во делови од Аризона. Во ова пошироко подрачје живеат околу 32 милиони луѓе.

Досега нема информации за посериозни материјални штети или повредени лица. Граѓани споделија на социјалните мрежи дека почувствувале кратко, но интензивно тресење, кое на некои места предизвикало паѓање на предмети и вознемиреност кај населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни