Силен земјотрес ја погоди Јапонија: Нajмалку 23 повредени, издадено предупредување за цунами и 2.700 домаќинства без струја

Северна Јапонија ја погоди земјотрес од 7,5 степени по Рихтер, при што се повредени најмалку 23 лица. Издадено е предупредување за цунами, а околу 2.700 домови останале без струја. Властите предупредуваат на можни нови потреси и свлечишта.

Најмалку 23 лица се повредени во земјотрес со јачина од 7,5 степени по Рихтер што го погоди северниот дел на Јапонија, соопштија јапонските власти.

Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми изјави дека околу 480 жители се засолниле во воздушната база Хачинохе по земјотресот, како и дека биле мобилизирани 18 воени хеликоптери за процена на штетата, пренесе јапонскиот јавен сервис NHK.

Јапонската метеоролошка агенција предупреди на можност од свлечишта како последица на земјотресот и силните дождови, особено во североисточната префектура Аомори, како и на Хокаидо и во префектурата Ивате.

Агенцијата ја ревидираше јачината на земјотресот од првично пријавените 7,2 на 7,5 степени и издаде предупредување за цунами до три метри. Сепак, досега највисокиот забележан бран бил околу 70 сантиметри во Ивате.

Предупредувањата за цунами беа активни за три префектури, а околу 90.000 жители беа засегнати.

Владата на префектурата Аомори соопшти дека околу 2.700 домаќинства останале без електрична енергија.

Јапонската премиерка Санае Такаичи ги предупреди жителите во погодените региони да останат внимателни во следната недела поради можност од нови потреси.

Јапонската влада соопшти дека сè уште се врши проценка на штетата од земјотресот со јачина од 7,5 степени, со епицентар околу 80 километри од североисточниот брег на земјата, како и од последователниот цунами.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни