Силен ветер откорна кров во Гевгелија, штети и во Скопје и Тетово

Силен ветер предизвика штети во повеќе региони низ земјата – откорнат кров на училиште во Гевгелија, паднати дрвја во Скопје и телекомуникациски бандери во Тетовско. Нема повредени лица.

Силен ветер денеска предизвика материјални штети на повеќе локации низ државата, откорнувајќи дел од кровот на средното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија и оштетувајќи објект на градинка во градот, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите, ветерот подигнал лимена конструкција од училишниот кров, а лимените елементи биле раздвижени и на покривот на една градинка. Во инцидентите нема повредени лица, а на терен биле повикани МВР и надлежните служби.

„За настанот се известени Противпожарната бригада, Општина Гевгелија и полициската станица, кои ќе преземат мерки согласно своите надлежности“, соопштија од ЦУК.

Невремето предизвикало проблеми и во Скопје, каде силниот ветер урнал дрвја и оштетил кабли на шест различни локации, при што биле оштетени повеќе автомобили. За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои работат на расчистување на теренот.

Во текот на ноќта, штети биле регистрирани и во тетовскиот регион. Во селата Нераште и Глоѓи паднале две телекомуникациски бандери. Во Нераште бандерата паднала покрај патот без да го попречи сообраќајот, додека во Глоѓи е поставена преку коловозот, поради што е известен Телеком и се очекува проблемот да биде саниран во текот на денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни