Цените на златото и среброто денеска нагло паднаа, по период на силен раст кој ги однесе благородните метали до историски рекордни нивоа.
Златото се спушти под 5.300 долари за унца, додека среброто падна од речиси 120 долари на околу 110 долари, што според аналитичарите е јасен сигнал дека ценовниот раст влегол во „опасна фаза“.
Во моментот на тргување, златото се движи околу 5.355 долари за унца, а среброто е нешто над 115,90 долари.
Пресврт по повеќемесечен раст
Падот доаѓа по повеќемесечен нагорен тренд, поттикнат од силната побарувачка од Кина, масовната куповина од страна на централните банки и зголемените геополитички тензии, наведува Yahoo Finance.
Откако цените ги достигнаа рекордните нивоа, на пазарот се појави бран на продажба за реализација на добивката, што доведе до остар пресврт.
Аналитичари: Корекцијата беше неизбежна
Според аналитичарите, ваквата корекција била очекувана со оглед на брзината и интензитетот на претходниот раст.
„Сè помалку има простор за понатамошен раст на цените на златото и среброто по последните рекорди“, изјави Карстен Фрич, аналитичар во Commerzbank.
Тој додава дека инвеститорите сè почесто ја инкасирaат добивката, предупредувајќи дека растот бил „на стаклени нозе“, особено поради фактот што ETF-фондовите не го следеле овој ценовен подем.
Сличен став има и Рајан Мекеј, виш стратег за суровини во TD Securities, кој смета дека растот бил „одвоен од пазарните основи“ и дека корекцијата „одамна требало да се случи“. Тој истакнува дека физичката побарувачка од Кина и Индија, клучни пазари за благородните метали, веќе ослабува поради високите цени.
Дополнителни пазарни притисоци
На падот на цените влијаеле и надворешни финансиски фактори.
Јакнењето на американскиот долар и растот на приносите на американските државни обврзници го зголемија притисокот врз златото, кое не носи принос и станува помалку привлечно во услови на повисоки каматни стапки.
Во исто време, забавувањето на побарувачката на клучните азиски пазари дополнително го ослабе нагорниот моментум.
Краткорочна неизвесност, долгорочен оптимизам
Додека дел од аналитичарите го оценуваат падот како здрава корекција по прегреан раст, други предупредуваат дека се можни дополнителни падови, доколку ослабне спекулативната куповина што доминираше на пазарот во последните месеци.
Сепак, долгорочните изгледи за златото и среброто остануваат позитивни, поткрепени од континуираната куповина од централните банки и зголемените геополитички ризици. На краток рок, се очекува зголемена волатилност на пазарот на благородни метали.
