Под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, викендов Македонија ќе биде зафатена од изразен влажен бран кој ќе донесе обилни и поројни врнежи од дожд.
Според најавите, најинтензивни врнежи се очекуваат во текот на ноќта кон недела и во недела (15 февруари), кога локално може да наврнат над 30 литри дожд на метар квадратен.
Невреме, силен ветер и грмежи
На повеќе места атмосферските процеси ќе бидат проследени со невреме, обилен пороен дожд, грмежи и засилен јужен ветер кој повремено ќе надминува 60 километри на час.
На повисоките планини во западните и северозападните делови, над 1400–1500 метри надморска височина, врнежите ќе бидат од снег.
Врнежи и во Скопје
И во Скопје и околината се очекуваат повремено пообилни врнежи од дожд, проследени со засилен ветер од јужен и југоисточен правец. Во делови од Скопската котлина ударите на ветерот ќе достигнуваат над 60 км/ч.
Температури над просекот
Поради јужното воздушно струење, температурите ќе останат натпросечни за овој период од годината. Во поголем дел од земјата тие ќе надминат 10 степени, на повеќе места ќе достигнат околу 15 степени, додека во централните и југоисточните предели живата во термометарот ќе се искачи и до близу 20 степени.
