Сиднеј ја дочека 2026 година со засилени безбедносни мерки по смртоносниот напад на плажа

Сиднеј ја пречека Новата 2026 година со спектакуларен огномет и невидени безбедносни мерки, две недели по смртоносниот вооружен напад на плажата Бонди во кој загинаа 15 лица.

Сиднеј, денес официјално зачекори во Новата, 2026 година со величествен огномет, придружен со засилени безбедносни мерки, само две недели по вооружениот напад за време на еврејска прослава на плажата Бонди, во кој беа убиени 15 лица.

Оддадена почит на жртвите

Организаторите точно во 23 часот по локално време оддадоа едноминутна почит со молк за жртвите од нападот. Мостот „Харбур“ беше осветлен во бела боја, а на неговите столбови беше проектирана менората – симбол на јудаизмот.

„По трагичниот крај на годината за нашиот град, се надеваме дека дочекот на Новата година ќе ни даде можност да се собереме заедно и со надеж да ја очекуваме мирната и среќна 2026 година“, изјави градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, во пресрет на прославата.

Најтешкото масовно убиство во Австралија во последните децении

На 14 декември, двајца вооружени напаѓачи – татко и син – убија 15 лица за време на прославата на Ханука на плажата Бонди. Станува збор за најтешкото масовно убиство во Австралија во речиси три децении, кое ја шокираше нацијата и ги разбуди стравувањата од растечки антисемитизам во земјата.

Околу 3000 полицајци распоредени низ градот

Традиционалните божиќни прослави на плажата оваа година беа значително поскромни, а неколку новогодишни настани беа откажани. Во Сиднеј беа распоредени околу 3000 полицајци, од кои некои вооружени со пушки, за време на главната новогодишна прослава што обично собира повеќе од еден милион луѓе.

„Мораме да покажеме пркос кон ова страшно злосторство и јасно да порачаме дека ваквиот тероризам нема да нè заплаши и дека нема да го промениме начинот на живот во нашиот прекрасен град“, изјави во средата премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни