Македонија од овој викенд влегува во нов изразен зимски период, кој ќе го одбележи студено време, мразеви и температури под нулата, а кулминацијата на студот би можела да следува по 20 јануари, кога според актуелните метео модели постои можност Европа и Балканот да бидат погодени од силна сибирска експлозија – потенцијално најинтензивната оваа зима.
Студени Водици со утрински мраз
За големиот христијански празник Богојавление – Водици (19 јануари), територијата на Македонија ќе биде под влијание на ладна воздушна маса од исток и североисток. Во вакви услови се очекуваат ниски утрински температури и појава на мраз, особено во ноќните и утринските часови.
Минималните температури ќе се движат од -10 до 0 степени, додека дневните максимуми ќе останат релативно ниски, во интервал од -3 до 8 степени. Ладното време ќе се чувствува и преку ден, што е типично за вакви продори на континентален студ.
Во Скопје и околината, наутро за Водици температурата ќе се спушти до околу -5 степени, додека преку ден ќе достигне околу 5 степени.
Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а само локално е можно слабо провејување на снег, вклучително и во градските средини. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и југоисточен правец, кој повремено може да засилува.
Нов ладен бран и локален снег
Ладниот период нема да заврши со Водици. Напротив, и во деновите потоа Македонија ќе остане под влијание на студени воздушни маси, со повторна појава на мразеви во ноќните и утринските часови. Овој ладен бран повремено може да донесе слаби и локални врнежи, кои постепено ќе преминуваат во снег, дури и во пониските места и во градовите.
Сепак, станува збор за локални и слаби снежни врнежи, без сериозни индикации за формирање на поголема снежна покривка.
Сибирска експлозија по 20 јануари – што значи тоа?
Она што моментално привлекува најмногу внимание во метеоролошките анализи е можноста по 20 јануари Европа, Балканот и поширокиот регион повторно да бидат погодени од сибирска експлозија, овој пат значително посилна од претходната која неодамна ја почувствувавме.
Доколку ова сценарио се оствари, се очекува екстремно ладно време, со температури длабоко под нулата, не само ноќе, туку и преку ден. Во делови од Европа и Балканот, според сегашните модели, утринските и ноќните температури би можеле да се спуштат и под -25 степени, што претставува сериозен зимски екстрем.
А што со снегот?
И покрај екстремниот студ, снежните врнежи засега остануваат неизвесни. Според моменталните прогнози, дури и ако се реализира овој силен сибирски бран, не се очекуваат обилни снежни наноси, туку претежно сув и многу студен воздух – сценарио кое носи силен мраз, но не и многу снег.
Важно предупредување
Поради фактот што станува збор за подолгорочна метео анализа, можни се промени во прогнозите во наредните денови. Затоа, граѓаните се советуваат редовно да ги следат краткорочните метео анализи, кои имаат веројатност за остварување поголема од 90%, со цел навремено и точно информирање и избегнување забуни.
