Швеѓаните влегоа на руски брод поврзан со транспорт на оружје

Шведските власти задржаа руски товарен брод Адлер, кој се наоѓа под санкции, откако поради дефект на моторот се закотвил долж западниот брег на земјата.

Инспекцијата на пловилото била спроведена во текот на ноќта на 21 декември, а на бродот му е изречена забрана за испловување, објави Kyiv Independent.

„Тие не смеат да продолжат со пловидба без одобрение од обвинител“, изјави за регионалната телевизија SVT Мартин Хоглунд, портпарол на шведската царина.

Товарниот брод Адлер доживеал дефект на моторот и се закотвил во петокот. Шведската царина, во соработка со Крајбрежната стража, потоа се качила на пловилото и извршила детална инспекција. Случајот е предаден на обвинителот Хенрик Содерман од Националната шведска единица за меѓународен организиран криминал.
Бродот Адлер претходно бил користен за транспорт на руско оружје, а неговиот сопственик, компанијата M Leasing LLC, се наоѓа под санкции на САД и Европската унија. Компанијата е санкционирана поради користење на своите бродови за транспорт на севернокорејска муниција во Русија, наменета за употреба во војната против Украина.

Задржувањето на Адлер доаѓа во период на засилени тензии меѓу Русија и земјите што излегуваат на Балтичкото Море. Танкерите од т.н. руска „флота во сенка“ сè почесто се поврзуваат со саботажни операции и обвинувања за лансирање дронови над европски градови.

Во еден од позначајните случаи, нафтениот танкер Eagle S, за кој се верува дека е дел од руската флота во сенка, беше осомничен за намерна саботажа на енергетскиот кабел Estlink 2 во Финскиот Залив. Иако финските власти во октомври 2025 година се откажаа од истрагата, данската влада кратко потоа најави засилени контроли на нафтените танкери што минуваат низ нејзините води, како одговор на заканата од руската флота.

Овој потег следуваше откако украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи се на разузнавачки извештаи, ја обвини Русија дека ја користи флотата во сенка за „лансирање и управување“ со дронови над европските градови.
Украина дополнително ја интензивира својата кампања против флотата во сенка, воведувајќи нови санкции за речиси 700 пловила и задржувајќи руски товарен брод во Одеса. Украинската безбедносна служба SBU неодамна соопшти дека со дрон погодила танкер од руската „флота во сенка“ во Средоземното Море – што претставува прв ваков напад од тој вид.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни