По 30 песни и шест емисии, шведската јавност и осум меѓународни жирија одлучија триото КАЈ да биде шведски претставници на Евровизија 2025 со нивната песна „Bara bada bastu“.
КАЈ е финско-шведска музичка и комична група од Вора во Остроботна, составена од Кевин Холмстром, Аксел Ахман и Јакоб Норгард.
Групата е формирана во Вора, Финска во 2009 година и има издадено седум албуми, како и напишано и изведено два мјузикли во театарот Васа на шведски јазик, комбинирајќи хумор и музика.
Членовите на групата припаѓаат на финско шведско малцинство кое користи специјални зборови, многу дифтонзи и дополнителни самогласки. Нивниот најголем хит, пред „Bara bada bastu“ е „Jåo nåo e ja jåo YOLO ja nåo“ од 2014 година.
„Ние сме во основа хумористична група, така што хуморот плус музиката на дијалект е наша работа“, рече Јакоб Норгард.
Насловот на евровизиската песна може да се преведе како „Одиме во сауна“, а е изведена на дијалект воро, кој е варијанта на финско-шведскиот јазик. Текстот на песната ја слави сауната како симбол на релаксација, уживање и дружење, што е длабоко вкоренето во финската традиција. Иако ова не е првпат изведувачи од друга земја да ја претставуваат Шведска, правилата на Мелодифестивален го дозволуваат тоа се додека странските изведувачи соработуваат со шведски музичари.