Шведско-финска комична група ќе ја претставува Шведска на Евровизија – „Одиме во сауна“

По пет недели шоуа, дојде време за шестата и последна недела на Мелодифестивален 2025 година, фестивал на кој Шведска го избра својот претставник за Евровизија
Фото: Arkland, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

По 30 песни и шест емисии, шведската јавност и осум меѓународни жирија одлучија триото КАЈ да биде шведски претставници на Евровизија 2025 со нивната песна „Bara bada bastu“.

КАЈ е финско-шведска музичка и комична група од Вора во Остроботна, составена од Кевин Холмстром, Аксел Ахман и Јакоб Норгард.


Групата е формирана во Вора, Финска во 2009 година и има издадено седум албуми, како и напишано и изведено два мјузикли во театарот Васа на шведски јазик, комбинирајќи хумор и музика.

Членовите на групата припаѓаат на финско шведско малцинство кое користи специјални зборови, многу дифтонзи и дополнителни самогласки. Нивниот најголем хит, пред „Bara bada bastu“ е „Jåo nåo e ja jåo YOLO ja nåo“ од 2014 година.

„Ние сме во основа хумористична група, така што хуморот плус музиката на дијалект е наша работа“, рече Јакоб Норгард.

Насловот на евровизиската песна може да се преведе како „Одиме во сауна“, а е изведена на дијалект воро, кој е варијанта на финско-шведскиот јазик. Текстот на песната ја слави сауната како симбол на релаксација, уживање и дружење, што е длабоко вкоренето во финската традиција. Иако ова не е првпат изведувачи од друга земја да ја претставуваат Шведска, правилата на Мелодифестивален го дозволуваат тоа се додека странските изведувачи соработуваат со шведски музичари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни