Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ја преувеличува заканата што руските и кинеските бродови наводно ја претставуваат за Гренланд. Иако призна дека големите сили имаат интерес да го зголемат своето присуство во арктичкиот регион, Јонсон оцени дека тврдењата за масовно опкружување на островот не се поткрепени со реални податоци.
Во интервју за британскиот The Telegraph, Јонсон истакна дека, според безбедносните проценки што ги имаат нордиските земји, присуството на кинески и руски пловила во близина на Гренланд е ограничено и претежно истражувачко. Тој нагласи дека нема индиции за зголемено воено опкружување на островот, како што тврди Трамп.
Прва директна реакција од НАТО
Ова е првпат висок функционер од НАТО јавно да ја доведе во прашање реториката на американскиот претседател за Гренланд. Европските лидери досега беа внимателни во коментарите, но Јонсон, во знак на поддршка за Данска, порача дека безбедносната ситуација не смее да се користи како оправдување за политички притисок или анексија.
Според податоците од системите за следење на пловила, како и проценките на данските безбедносни експерти, во моментот нема присуство на руски или кинески воени бродови во непосредна близина на Гренланд.
Арктикот како ново поле на геополитика
Јонсон призна дека Русија настојува повторно да ја зацврсти својата воена инфраструктура на Арктикот, но нагласи дека Шведска и сојузниците се подготвени за одговор. Земјата инвестира во воени сателити и арктички капацитети, а заедно со Норвешка и Финска има единици обучени за дејствување во екстремни услови.
Во меѓувреме, Данска започна со проширување на своето воено присуство на Гренланд, а Германија, Франција, Шведска и Норвешка најавија поддршка преку заеднички воени вежби и логистичка помош.
Трамп не ја исклучува воената опција
И покрај повиците за деескалација, Трамп продолжува да инсистира дека преземањето на Гренланд е клучно за американската национална безбедност и за неговиот планиран систем за ракетна одбрана „Golden Dome“. Тој одби да ја исклучи можноста за воена акција, иако Данска е сојузник во НАТО.
Данската премиерка предупреди дека напад врз членка на НАТО би значел крај на Алијансата, додека од Копенхаген и Нук повторуваат дека Гренланд не е на продажба и дека неговите жители не сакаат да станат дел од САД.
