Шведска продолжува со значително проширување на капацитетите за беспилотни системи на својата армија, најавувајќи инвестиции од четири милијарди шведски круни, односно околу 373 милиони евра, во развој на беспилотни воздушни и подводни системи во следните две години.
Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон изјави на годишната одбранбена конференција во Сален дека „бојното поле на иднината во голема мера ќе биде обележано со беспилотни системи и борба на големи дистанци“.
Инвестициите опфаќаат развој и набавка на камиказе-дронови, извидувачки дронови, беспилотни летала за електронско војување, како и беспилотни поморски возила за различни морнарички намени. Целта, според Јонсон, е зајакнување на шведските вооружени сили „и по ширина и по длабочина“.
Набавка на воени сателити
Покрај дроновите, Шведска планира и набавка на околу 10 воени сателити во вредност од 1,3 милијарди круни, со цел зајакнување на способностите за дејствување на големи растојанија и подобрување на системите за рано откривање и одвраќање на воздушни закани.
„Беспилотните системи и вселенската ситуациска свесност се клучни за современото војување. Со инвестиции во дронови и вселенски технологии ги зголемуваме оперативните способности на Шведските вооружени сили, ја подобруваме отпорноста на борбените единици и ја зајакнуваме нашата способност за заедничко дејствување со сојузниците“, истакна Јонсон.
Шведска формално стана членка на НАТО во 2024 година, со што стави крај на повеќе од два века воена неутралност. Членството подразбира зголемување на одбранбените трошоци и јакнење на интероперабилноста со сојузничките армии, особено во контекст на новите безбедносни предизвици во Европа.
