Шведска и Данска заеднички ќе набават и ќе ѝ испорачаат на Украина мобилни противвоздушни артилериски системи во вредност од 245 милиони евра, со цел зајакнување на одбраната од сè поинтензивните руски напади врз енергетската инфраструктура на земјата.
Според соопштението на министрите за одбрана на двете земји, Украина ќе го добие мобилниот противвоздушен систем TRIDON Mk2, при што Шведска ќе обезбеди 2,1 милијарди шведски круни од вкупно 2,6 милијарди, а Данска ќе го покрие преостанатиот износ.
„Ова е платформа што може да соборува крстосувачки ракети и беспилотни летала со долг дострел – токму капацитет што ѝ е неопходен на Украина поради зголемените руски далекудометни напади“, изјави шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон во Гетеборг.
Тој додаде дека системот бил развиен со „рекордно брзо темпо“ и адаптиран врз основа на искуствата од бојното поле во текот на целосната руска инвазија. Донацијата, според него, ќе ѝ овозможи на Украина да формира сопствен баталјон за противвоздушна одбрана.
Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен истакна дека оваа поддршка значително ќе ја зајакне украинската противвоздушна одбрана, која, како што рече, во последните месеци е под „сериозен притисок“.
Енергетската инфраструктура под постојан удар
Објавата доаѓа во момент кога Украина се соочува со најтешките прекини во снабдувањето со електрична енергија, греење и вода од почетокот на војната, која влегува во својата четврта година. Состојбата ја турка земјата кон раб на хуманитарна криза, особено во текот на студените зимски месеци.
Русија систематски ја таргетира украинската енергетска инфраструктура од почетокот на инвазијата, а интензитетот на нападите дополнително се зголеми во последните месеци.
Анализа објавена во понеделникот покажува дека, иако во јануари биле испукани помал број дронови и ракети, нападите сепак довеле до сериозни оштетувања на клучни енергетски капацитети, оставајќи милиони граѓани без струја во најстудениот период од годината.
Во вторникот Русија изврши еден од најмасовните напади од почетокот на војната, лансирајќи околу 450 беспилотни летала и 70 ракети кон украински цели. Нападот се толкува како ескалација во пресрет на мировните разговори со посредство на САД, закажани во Абу Даби.
Системот TRIDON Mk2 е специјално дизајниран за справување со крстосувачки ракети и далекудометни ударни дронови – типови оружје што Русија сè почесто ги користи против украинските градови и критична инфраструктура од почетокот на целосната инвазија на 24 февруари 2022 година.
Извор: Euronews / AP
