Додека Европската унија бележи напредок во користењето на обновливите извори на енергија, со учеството на 23 проценти во 2022 година, земјите од Балканскиот Полуостров се соочуваат со различни предизвици во нивната енергетска транзиција. Некои од балканските земји сè уште во голема мера се потпираат на јаглен.
ЕУ ги ревидираше своите цели за обновлива енергија до 2030 година, зголемувајќи ги од првичните 32 проценти на амбициозни 42,5 проценти, со цел дополнително да ја зголеми целта на 45 проценти. Во Унијата зголемувањето во однос на 2021 година изнесува нешто повеќе од еден процент.
Како лидер во ЕУ се издвојуваат скандинавските земји, особено Шведска, со речиси две третини (66,0 проценти) од вкупната потрошувачка на енергија од обновливи извори, пред се од хидроцентрали, ветер и биогорива. Следува Финска со речиси 48 отсто, која исто така се потпира на хидроенергијата и ветерот, потоа Летонија со 43,3 отсто, чиј фокус е на хидроцентралите и Данска со над 40 отсто, со најголем фокус на ветерните централи, пренесува Еуростат.
Земјите со најмал удел на ОИЕ се Ирска, Малта, Белгија и Луксембург, а сите четири имаа меѓу 13 и 14 проценти. Од 27 земји-членки, 17 пријавиле дека имаат процент под просекот на ЕУ, кој, како што споменавме, изнесуваше 23 проценти за претходната година.
Што се однесува до земјите од нашиот регион, во Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, производството на електрична енергија од јаглен сè уште зазема значителен удел, со 52 отсто во Србија, 49 отсто во Босна и Херцеговина и 37 отсто во Северна Македонија. Податоците укажуваат на традиционалната енергетска инфраструктура и предизвиците во процесот на декарбонизација.
Од друга страна, хидроенергијата игра важна улога во земјите. Србија произведува околу 30 отсто од својата електрична енергија од водни ресурси, поради што е втор најважен извор на енергија, додека Босна и Херцеговина бележи околу 37 отсто, Хрватска околу 35 отсто, а Северна Македонија околу 15 отсто. Хидроенергијата е еден од најважните извори на обновлива енергија во земјите од регионот, покажуваат податоците на „Електрицити мапс“.
Додека ЕУ поставува сè поамбициозни цели за обновливата енергија, балканските земји тргнуваат на патот на енергетска транзиција.
Извор: energetskiportal.rs