Шведска криминална мрежа регрутирала 12-годишно дете за убиство

Случајот во Малме отвори аларм за злоупотребата на деца во организираниот криминал и слабостите на системот

Шведската полиција истражува случај што ја потресе јавноста и ги отвори најсериозните прашања за заштитата на децата, откако 12-годишно момче беше осомничено дека извршило убиство со огнено оружје во Малме, по наводи дека било регрутирано од организирана криминална мрежа. Детето, кое наводно добило ветување за парична награда од околу 23.000 евра, се пријавило само во полиција неколку часа по пукањето, станувајќи најмладиот осомничен за вакво кривично дело во историјата на Шведска.

Инцидентот се случил минатиот петок, кога момчето пристигнало со воз од централниот дел на земјата во Малме. Истата вечер, во населбата Окси, тој отворил оган кон возило во кое се наоѓале четири лица, при што 21-годишен маж поврзан со криминалното подземје бил смртно погоден и подоцна починал во болница. Полицијата сè уште не е сигурна кој од присутните бил целта на нападот.

Иако вооруженото насилство поврзано со организираниот криминал не е нов феномен во Шведска, возраста на осомничениот предизвика итни внатрешни состаноци во полицискиот и социјалниот систем, кои сè потешко се справуваат со трендот на сè помлади извршители на најтешки кривични дела.

Регрутирање преку социјални мрежи

Според полициските истраги, криминалните групи сè почесто регрутираат деца и тинејџери преку социјални мрежи и апликации за пораки, како Telegram и Signal. Процесот често започнува со „огласи“ за извршување задачи, на кои малолетници сами се јавуваат, по што комуникацијата се префрла во затворени групи.

Целта, според безбедносните служби, е да се искористи фактот дека децата не подлежат на исти кривични санкции како возрасните, што ги прави „погодни извршители“ за криминалните структури.

Во обид да се спречи овој тренд, шведската влада неодамна предложи намалување на границата на кривична одговорност за најтешките дела од 15 на 13 години. Предлогот предизвика жестоки реакции и критики, вклучително и од делови на правосудниот систем, со аргумент дека построгите казни кај деца ретко доведуваат до намалување на криминалот.

Социјален контекст и институционални пропусти

Според шведските медиуми, осомниченото дете потекнува од длабоко дисфункционално семејство, со историја на насилство, зависности и криминал. Тоа било евидентирано од социјалните служби уште како едногодишно дете, а подоцна живеело кај баба, со минимален контакт со родителите.

Непосредно пред убиството, детето избегало од установа за згрижување под посебен надзор, што повторно ги отвори прашањата за ефикасноста на системот за заштита на децата во ризик.

Полицијата во Малме соопшти дека не верува оти детето делувало самостојно и дека се трага по лица кои би можеле да учествувале во нарачката, планирањето и логистичката поддршка на нападот. Случајот се води како убиство и три обиди за убиство.

Повици за рана превенција

Од безбедносните институции порачуваат дека ваквиот тренд може да се спречи само преку рана и координирана интервенција на целото општество – семејството, училиштата, социјалните служби и полицијата.

„Подобро е родителите или наставниците да побараат помош еднаш повеќе отколку еднаш помалку. Раната поддршка може да спречи децата да носат последици цел живот“, порачуваат од полицијата, нагласувајќи ја важноста на инвестициите во образование, воннаставни активности и психосоцијална поддршка уште од најрана возраст.

Случајот во Малме се смета за алармантен показател за тоа како организираниот криминал ги користи најранливите, претворајќи ги децата во извршители, но и жртви на насилството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни