Швајцарија: ОДБС треба да игра клучна улога во следење на прекинот на огнот во Украина

Швајцарскиот министер за надворешни работи истакнува дека Организацијата за европска безбедност и соработка (ОДБС) може да следи прекин на огнот, линијата на фронтот и избори во Украина веднаш по постигнување на договор

Организацијата за европска безбедност и соработка (ОДБС) би можела да игра голема улога во следење на прекинот на огнот помеѓу Русија и Украина, изјави денес швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.

„Веќе постојат конкретни разгледувања во тој поглед. Организацијата е способна да распореди неколку десетици луѓе многу брзо. ОДБС би можел да ја набљудува прекинот на огнот, да ја следи линијата на фронтот, да ги набљудува изборите и други прашања“, рече Касис, чија земја ќе претседава со ОДБС во 2026 година.

Касис за швајцарскиот неделник SonntagsBlick изјави дека „линијата на фронтот моментално се протега на 1.300 километри – самиот ОДБС е премал за да ја следи целата должина. Тоа би барало значителна посветеност од земјите учеснички“.

„Мојата цел е ОДБС да биде подготвен. Чим се постигне договор, сакаме да бидеме во можност веднаш да започнеме со работа“, додаде Касис.

Истражната мисија првично би можела да биде испратена во Украина за да се оцени ситуацијата, по што ОДБС би можел брзо да преземе следни чекори, рече тој.

Швајцарскиот весник додава дека тридневните разговори во американската сојузна држава Флорида меѓу украинските и американските официјални лица не донеле значителен напредок.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ветил дека ќе продолжи преговорите кон „вистински мир“, додека Русија продолжила со напади со дронови и ракети врз Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни