Швајцарската влада соопшти дека одбила два барања на Соединетите Американски Држави за прелет на воени авиони поврзани со конфликтот со Иран, повикувајќи се на својата политика на неутралност. Владата во Берн соопшти дека на седница ги разгледала барањата за прелет на американски воени и службени авиони над швајцарската територија. Два од тие летови биле поврзани со воени операции и затоа биле одбиени.
Неутралноста не дозволува воени операции
„Законот за неутралност забранува прелети на страните во конфликтот кога тие служат за воена цел поврзана со судирот“, соопшти швајцарската влада.
Во истото соопштение се наведува дека се дозволени хуманитарни и медицински летови, вклучително и транспорт на повредени лица, како и летови кои немаат врска со воени операции.
Одобрени три други летови
Швајцарските власти, сепак, одобриле три други барања за прелет. Станува збор за два транспортни авиони и еден авион за одржување, за кои било утврдено дека не се директно поврзани со конфликтот.
Владата исто така предупреди дека идните барања за прелет ќе бидат одбиени доколку го надминуваат вообичаениот воздушен сообраќај или ако не може јасно да се утврди нивната цел.